Ефектот на јонизираната вода збогатена со глутатион и витамин ц врз антиоксидативната ензимска активност при акутен хипертермички стрес кај белиот лабораториски стаорец

Ademi, Majlinda (2020) Ефектот на јонизираната вода збогатена со глутатион и витамин ц врз антиоксидативната ензимска активност при акутен хипертермички стрес кај белиот лабораториски стаорец. PhD thesis, Факултет за медицински науки.

[thumbnail of Докторска дисертација-Majlinda.pdf]
Preview
Text
Докторска дисертација-Majlinda.pdf

Download (2MB) | Preview

Abstract

Зголемувањето на температурата во средината во која престојуваат организмите која доведува до метаболичка активација комбинирана со покачена консумпција на кислород иницира состојба на т.н. оксидативен стрес. Дури и слабиот оксидативен стрес може да има сериозни разорни ефекти и да предизвика модификација на многу клеточни функции, што може да заврши и со клеточна смрт. Оксидативниот стрес резултира со зголемена продукција на слободни радикали и води до нарушување на нормалниот метаболизам и нормалната физиологија на клетката, особено на црниот дроб и на бубрезите, насочувајќи ја активноста на ензимите, протеините, албумините, уреата и на креатининот во крвниот серум. Како одговор на овие проблеми, клетките изложени на топлотен шок ја зголемуваат антиоксидативната одбрана, посебно активноста на антиоксидативните ензими. Голем број истражувања покажуваат дека изложувањето на хипертермна средина предизвикува оксидативен стрес кој може да резултира со цитотоксичност. Ензимски и неензимски компоненти се вклучени во неутрализирање на продуцираните оксиданти. Модификацијата на антиоксидативниот одбранбен систем во насока на негово зајакнување е поволна можност за поефикасна редукција на слободните радикали и за превенирање на развојот на голем број патолошки состојби. Во таа смисла, јонизираната вода е во фокусот на научниот интерес во последните десетина години поради нејзината способност за алкализација на организмот, како и поради нејзиниот антиоксидативен ефект. Целта на нашето истражување беше да го испитаме ефектот на третманот со јонизирана вода без елементи додадени во неа или збогатена со глутатион и витамин Ц врз промените на концентрацијата на група биохемиски параметри како маркери на протеинскиот метаболизам, липидниот метаболизам, гликозата, трансаминазите, деградационите продукти, како и врз активноста на одредени антиоксидативни ензими во крвниот серум, крвната плазма, црниот дроб и во бубрезите во однос на третманот и на времето. Експериментот беше изведен врз женски стаорци од сојот вистар (wistar). Оксидативен стрес беше предизвикан со акутна хипертермичка експозиција. Животните беа поделени во 3 групи составени од по 15 стаорци.
Третманот, аплициран соодветно на секоја група, во периодот на отсуство на хипертермички стрес не предизвика значајна алтерација во концентрацијата на вкупните протеини, албумините, холестеролот, триглицеридите, гликозата и на уреата во крвниот серум. Истата констатација важи и за активноста на каталазата, супероксид дизмутазата, глутатион пероксидазата и глутатион редуктазата во крвниот серум. Што се однесува до активноста на трансаминазите и на нивото на креатининот, беше забележано значајно покачување во гореспоменатиот период. Хипертермичката експозиција се покажа како фактор кој значајно ја зголеми активноста на CAT и на GPx, додека во обратен правец дејствуваше на активноста на SOD и на GR во крвниот серум. Активноста на GPx во крвната плазма беше сигнифантно зголемена, додека во црниот дроб и во бубрезите таа беше сигнификантно намалена. Алтерации во однос на сигнификантноста и на растечките/опаѓачките трендови детектиравме во рамките на една група, но и при меѓусебната споредба на групите, во крвната плазма, црниот дроб и во бубрезите во истиот период на стрес. Генерално, нашите резултати ја потврдија поврзаноста помеѓу акутната хипертермија и оксидативниот стрес, како и засилената антиоксидативна одбрана како резултат на третманот со јонизирана вода и нејзиното синергично дејствување со додадените антиоксиданти – глутатион и витамин Ц.

Item Type: Thesis (PhD)
Subjects: Natural sciences > Biological sciences
Divisions: Faculty of Medical Science
Depositing User: Zdenka Stojanovska
Date Deposited: 24 Feb 2020 08:10
Last Modified: 24 Feb 2020 08:10
URI: https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/23867

Actions (login required)

View Item View Item