Протетски статус и потреба од протетска рехабилитација кај возрасни лица во град Струмица

Zlatanovska, Katerina and Dimova, Cena and Naskova, Sanja (2019) Протетски статус и потреба од протетска рехабилитација кај возрасни лица во град Струмица. Knowledge – International Journal, 34 (4). pp. 829-834. ISSN 2545-4439

[thumbnail of ilovepdf_merged Katerina.pdf]
Preview
Text
ilovepdf_merged Katerina.pdf

Download (1MB) | Preview

Abstract

Оралното здравје кај возрасната популација е составен дел од нивното целокупно здравје. Добро орално здравје го олеснува ефективното џвакање, придонесува позитивно кон говорот, социјална доверба и е поврзано со подобар когнитивен и функционален капацитет кај постарите лица. Според Светската Здравствена Организација (СЗО) генерално е прифатливо доколку постарите пациенти имаат околу 20 функционални заби во усната празнина. Кон беззабоста денеска се гледа како на физичка попреченост, бидејќи императивен дел од телото е изгубен и самото тоа влијае на пациентите врз нивното лично задоволство.
Главната цел на ова истражување беше да се потврди протетскиот статус и потребата од протетска рехабилитација кај возрасни лица во град Струмица, Македонија, а како посебни цели беа поставени следните: да се направи процена на целокупното орално здравје на пациентите, вклучувајќи ја честотата на посета на стоматолог; да се утврдат орално хигиенските навики; да се утврди бројот на изгубени заби поврзани со возраста на пациентот; да се утврди типот на протетските помагала и нивната моментална состојба во устата на пациентите; да се посочат негативните и позитивните критики и нивото на задоволство на пациентите од протетските помагала (во однос на естетиката) и да се утврди статусот на тоталните протези во однос на ретенција, стабилизација, екстензија и оклузија.
Во спроведеното истражување беа вклучени 40 пациенти од Струмица на возраст од 50 до 75 години, од кои 18 жени и 22 мажи. Презентираните податоци беа добиени од спроведеното истражување во период од 20.06.2018 до 30.08.2018 година кај кои беа реализирани следниве постапки: анамнеза, клинички преглед и пополнување на прашалник од страна на пациентите.
Врз основа на добиените податоци, нивната анализа и добиените резултати од нашето истражување, можеме да ги дадеме следниве заклучоци: Хигиенските навики и ставови можат да бидат поврзани со половата распределеност, нивото на едукација и истите не секогаш даваат позитивни резултати; Едукацијата е еден од најважните фактори кои придонесуваат за свеста на пациентите во врска со нивната здравствена состојба и потребата од редовни контролни посети во стоматолошка ординација и одржување секојдневна орална хигиена; Општите заболувања често имаат голема улога врз состојбата во оралната шуплина, а лошите навики како пушењето, конзумација на алкохол и други штетни продукти меѓу кои и видот на исхрана се главни фактори причинители на кариес и пародонтопатија кои доведуваат до губење на забите; Со зголемување на старосната граница пациентите имаат се поголем број на изгубени заби во устата, а нивната свест за заменување на истите е поврзана како од естетска природа така и од функционална страна; Од страна на стоматологот секогаш треба да се внимава на зачувување на природните заби во устата на пациентите, да се извлече максимум од ситуацијата и да се настојува кон најадекватна протетска рехабилитација и протетски надоместок.
Клучни зборови: задоволство, орално здравје, орално хигиенски навики, протетска рехабилитација, тотална протеза.

Item Type: Article
Subjects: Medical and Health Sciences > Clinical medicine
Divisions: Faculty of Medical Science
Depositing User: Katerina Zlatanovska
Date Deposited: 31 Oct 2019 09:59
Last Modified: 31 Oct 2019 09:59
URI: https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/22751

Actions (login required)

View Item View Item