Veselinova, Elena (2019) Стратегиски менаџмент во текстилната индустрија - практикум. ISBN 978-608-244-626-4.
Full text not available from this repository.Abstract
Текстилните претпријатија во Р.Македонија се многубројни, некои повеќе, некои помалку успешни. Едно е заедничко за сите, тие ангажираат добар дел од работоспособното население низ земјава и остваруваат значаен девизен прилив од своите извозни активности. Сепак, постои генерално мислење дека текстилните претпријатија ретко практикуваат стратегиско планирање. Нивното функционирање во основа е реактивно на промените во окружувањето. Учеството на текстилната индустрија во креирањето на вкупната додадена вредност во националната економија е на ниско ниво. Затоа текстилните претпријатија во Р.Македонија треба да се посветат на развој на конкурентска стратегија за настап на домашниот и странските пазари со која ќе успеат да остварат поголема додадена вредност на финалниот производ, а со тоа и поголеми приходи и повисока профитабилност. Тоа сигурно не е лесно, но не и недостижно. Потребна е долгорочна и истрајна посветеност на оваа цел. Ова учебно помагало е посветено токму на градењето стратегија на текстилните претпријатија која се базира на утврдена конкурентска предност. Истражувањето опфаќа анализа и оценување на екстерното окружување на текстилната индустрија. Преку неа се идентификувааат критичните можности и ограничувања во општото и посебното окружување на текстилните претпријатија. Но, надворешното окружување не е единствената детерминанта на профитот на претпријатијата. За да се разбере суштината на нивното работење неопходно е „да се погледне“ длабоко во нивното внатрешно окружување. Тогаш стапува на сцена анализата на интерното окружување преку која се утврдуваат внатрешните стратегиски фактори на претпријатието, односно предностите и слабостите на секое претпријатие. Преку оваа анализа се согледуваат клучните детерминанти за создавање одржлива конкурентска предност. Секоја успешна стратегија се базира на ваква одржлива конкурентска предност што произлегува од единствените ресурси и способности на претпријатието. Во денешни услови да се работи успешно е повеќе од предизвик. Причините за сè поголемата неизвесност во окружувањето во кое делуваат организациите се разновидни. Елиминирањето на економските бариери меѓу земјите и зголемената конкуренција ги засега сите деловни субјекти низ светот. Организациите секојдневно се соочуваат со предизвикот од економските, политичките и технолошките промени. Потрошувачите како еден од најважните стеикхолдери во окружувањето имаат свои потреби, навики и вкусови кои стануваат сè поразновидни и попрефинети, а претпријатијата треба соодветно да одговорат на таквите суптилни барања, доколу сакаат да ги задржат постојните и да привлечат нови. Во ова учебно помагало е вклучена анализа на моменталната конкурентност и се нудат начини за создавање одржлива конкурентска предност на претпријатијата од текстилната индустрија. Текстилните претпријатија во Р.Македонија треба да се посветат на развој на конкурентска стратегија за настап на домашниот и странските пазари со која ќе успеат да остварат повисока додадена вредност на финалниот производ, а со тоа и поголеми приходи и повисока профитабилност. За таа цел, неопходно е за се изгради стратегија на претпријатијата во текстилната индустрија, кои се основни носители на севкупните активности во оваа индустрија, земајќи предвид дека токму таа е една од најзначајните индустрии во Р. Македонија. Како трудоинтензивна индустрија, текстилната индустрија обезбедува значаен број работни места, сепак, тоа што во моментот е загрижувачки е ниското учество на текстилната индустрија во вкупно креираната додадена вредност во националната економија. Затоа потребен е еден проактивен пристап на стратегиско планирање и дејствување на текстилните претпријатија, за да ја зголемат својата конкурентност и да се подготват за успешен настап на странските пазари.
Материјата што се обработува е структурирана во точки и потточки, со еден логичен редослед на разработка на содржината и претворање на теоретските сознанија во практични истражувања. Во ова учебно помагало – практикум се опфатени 18 вежби преку кои се комплетираат сите фази и елементи на процесот на стратегиски менаџмент, со посебен фокус на текстилната индустрија. Наједноставните прашања поврзани со постоењето на кое било претпријатие бараат најсложени одговори: што (да) работи претпријатието, зошто токму тоа, каде (да) оди, зошто токму таму, кого да вработи, зошто токму тој/таа? Секое претпријатие, независно од дејноста, просторот и времето во кое функционира, се стреми да ја подобри или, во крајна линија, да ја задржи својата пазарна позиција. Овој практикум го поддржува таквиот процес.
Item Type: | Teaching Resource |
---|---|
Subjects: | Social Sciences > Economics and business |
Divisions: | Faculty of Economics |
Depositing User: | Elena Veselinova |
Date Deposited: | 15 Jul 2019 10:38 |
Last Modified: | 15 Jul 2019 10:38 |
URI: | https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/22250 |
Actions (login required)
View Item |