Организациски и сметководствени контролни системи

Dimitrova, Janka (2019) Организациски и сметководствени контролни системи. University Goce Delcev, Stip. ISBN 978-608-244-587-8

Full text not available from this repository.

Abstract

Секое општество се стреми кон постојан развој, што во голема мера зависи од
неговата стопанска активност, преку која се создаваат производи и услуги за
задоволување на потребите на поединците, но и на општеството во целина. Носители
на стопанската активност се разните форми за организирање - организации.
Организациите се социјални или општествени творби, создадени заради контролирано
извршување на заеднички цели.
За успешно остварување на целите на претпријатието, потребно е да се обмисли
добра организациона структура која ќе овозможи планирање, организирање,
раководење и контролирање на деловните потфати и активности. Зависно од
поставените цели се формира и организациона структура, која ќе предвиди
организација на сектори и одделенија и потребниот кадровски потенцијал, како
квантитативно, така и со потребни квалификации односно ниво на образование.
За остварување на поставените цели и контрола на работните процеси, организацијата
треба да има добро поставени и однапред обмислени политики и процедури, кои
штедат време и средства на секоја компанија. Политиките и процедурите, исто така,
значат минимизирање на конфликтите помеѓу вработените, клиентите и добавувачите
и зајакнат систем на контроли во сите сегменти на деловните процеси. Контролата
како функција во рамки на бизнис процесот ја превенира можната појава на проблем
или го детектира веќе настанатиот проблем.
Еден од основните концепти на системите за контрола е дека нивото на контрола се
зголемува правопропорционално со степенот на поделба на должностите меѓу
вработените – колку повеќе вработени, толку подобро. Тоа значи поделба на
обврските односно едно лице да не е одговорно за повеќе од една задача. Предноста
на користење на поделба на должности е тоа што се отежнува можноста за заговор, а
со тоа се намалува можноста за извршување измама. Сепак, ова е екстремно скапа
задача, бидејќи вклучувањето на многу луѓе во процесот резултира со долго чекање и
редици, што има за последица неефикасно работење, и е тешко применлив кај мали
деловни субјекти со мал број на вработени. Поради исклучително високите трошоци за
поделба на должности, вообичаено се изнаоѓаат корпоративни менаџери за оценка на
ризикот, трошоците и користа од таквите системи, што понекогаш води кон донесување
одлуки кои се против прекумерното ниво на сегрегација (поделба на должности).
Одлучувачки фактор е обично големината на потенцијалната загуба.
Ставањето поголем акцент на контролата, укажува на потребата од внимателно
утврдување на ризиците од кои треба да се заштитат компаниите, како и да се
конструира сет на контроли за да се намалат тие ризици. Сепак, компанијата не треба
да биде управувана од широк спектар на повеќеслојни контроли, бидејќи може да ја
изгуби оперативната ефикасност. Подобар пристап е да се испита потребата за
континуирани контроли за да се осигури дека само вистинските контроли се користат
во точно утврдена мера.
Доста важен концепт кој треба да се запамети е дека дури и најсложените и
поврзаните сетови на контроли нема да обезбедат целосна елиминација на ризикот во
работењето. Напротив, тие само создаваат разумно очекување дека тоа ќе се
постигне. Причините поради кои ризикот не може целосно да се елиминира се
комбинацијата од непредвидливи услови за кои контролите не биле воведени,
повремен пад на системот за контрола, како и присуството на заговор, што значително
ја намалува ефективноста на многу контроли.
Може да се експериментира со нови видови на контроли кои можат да станат најдобри
практики. Ова е особено корисно доколку контролите може да се преземат без да се
6
ангажира дополнителен капитал или без трошоци за работна сила, но и доколку не го
попречуваат природниот тек на работниот процес. Исто така треба да се има во
предвид дека воведувањето и имплементирањето на контролите треба да биде како во
поодделните деловни функции (набавка, продажба, управување со залихи, наплата и
плаќање,..) така и во административните сектори како што се правниот сектор,
секторот за човечки ресурси, финансискиот сектор. Имплементацијата на контролно
аналитичките постапки е од исклучително важно значење во сметководствениот сектор
бидејќи преку него се лиферуваат информации за состојбата, работењето и
успешноста на компанијата.
Контролните аналитички постапки што се применуваат при изработката на
финансиските извештаи се многу корисна сметководствена алатка која пред сè служи
на сметководителите за да изработат финансиски извештаи без поголеми погрешни
прикажувања. Основна цел на финансиските извештаи е да ја прикажат успешноста,
финансиската состојба, движењето на паричните текови и промени во главнината,
ослободени од значајни погрешни прикажувања. Без примена на овие постапки скоро е
сигурно дека во финансиските извештаи ќе бидат прикажани погрешни состојби кои
можат заради нивната значајност да дадат погрешна слика на корисниците на
финансиските извештаи за состојбата на претпријатието.
Котролните аналитички постапки не се корисни само за сметководителите. Истите
можат да ги применуваат и ревизорите, најчесто во фазата на изготувањето на
оперативните планови за претстојните ревизорски активности при што можат да се
идентификуваат поедини проблематични и ризични сметки и трансакции.
Современите сметководствените софтвери содржат апликации со кои можат да се
сигнализираат одредени пропусти во евидентирањето на сметководствените настани.
Сметководствените софтвери треба да се сфатат како поддршка и помош во
извршувањето на контролните аналитички постапки а не нивно елиминирање, бидејќи
колку и да е развиен еден сметководствен софтвер, факторот човек секогаш е
потенцијален фактор за создавање грешки за кои се потребни процедури за исправки
и корекции.
Имајќи ги во предвид опсервациите и сознанијата за функционирањето и придобивките
од воведените политики, процедури и контроли во претпријатијата и очекуваните
трендови во иднина, содржината на оваа книга е компонирана во 2 главни дела со
наслов:
- ОРГАНИЗАЦИСКИ КОНТРОЛНИ СИСТЕМИ и
- СМЕТКОВОДСТВЕНИ КОНТРОЛНИ СИСТЕМИ
Во првиот дел со наслов ОРГАНИЗАЦИСКИ КОНТРОЛНИ СИСТЕМИ се обработени
четири поглавја кои се искомпонирани за да ги опфатат сите сегменти на
организационата поставеност, раководењето и контролите во деловните функции на
претпријатието.
Во првато поглавје со наслов Поим, видови основање и организациона
поставеност на деловните субјекти, се обработени поимот и типовите на
организација и организациона структура, принципите на организирање и функциите на
менаџментит.
Второто поглавје е посветено на Улогата на контролата за успешно работење
на компанијата и овде е ставен акцент на контролингот и улогата на контролорот во
компанијата, деловното планирање и контролингот, контролинг на трошоците и
сметководство на трошоците, контролинг на продажбата и постпродажните активности,
контролинг во маркетинг на продажни цени и одредување на условите за продажба,
контролинг и управување со човечки ресурси, контролинг на инвестициони проекти,
7
контролинг на набавка, производство и залихи и контролинг на информатичка
технологија – извештаи за контролингот.
Пишување на политики и процедури за работните процеси е обработено во
третото поглавје со посебен акцент на поставувањето на административни,
финансиски и сметководствени процедури, преку разработката на правниот основ,
зошто треба да се пишуваат процедурите за работните процеси, кои се важните
аспекти при пишувањето на процедурите, проценка на ризикот при пишувањето на
процедурите за работните процеси и нивоата на опишување на процесите. На крајот
на оваа поглавје се идентификувани контроли, политики и процедури кои треба да ги
има секоја компанија согласно внатрешната организација на деловните процеси и
систематизација на работните места.
Тема на опсервација во четвртото поглавје со наслов Организациски контроли и
политики се контролите и политиките при набавките, контролите и политиките кај
управувањето со залихите, контроли и политики за примање на нарачки и испорака на
производи – продажба, контроли и политики кај фактурирањето, контроли за наплата
на побарувања, контроли за прием на готовина, креирање на систем за наградување
на менаџери и вработени и контрола на плата, контроли и политики за набавка на
основни (постојани) средства и на крај контроли кај процесот на плаќање на сметки.
Во вториот дел со наслов СМЕТКОВОДСТВЕНИ КОНТРОЛНИ СИСТЕМИ се
обработени три поглавја кои се дизајнирани да ги опфатат сите аспекти на
сметководствената евиденција и контролите кои треба да се направат пред
составувањето на финансиските извештаи.
Првото поглавје од овој дел е со наслов Финансиско, трошковно и управувачко
сметководство – поим, карактеристики и разлики и ги опфаќа разликите помеѓу
финансиското и менаџерското сметководство, предусловите за развој на трошковното
и управувачкото сметководство, планирање и подготовка на финансиски план,
контроли за намалување на трошоците, утврдување на цените и надоместоците,
соодветна организациска структура, делегирање на овластувања и одговорности,
детална поделба на трошоците, соодветна информатичка поддршка, соработка на
раководителите на деловните единици со раководителот на единицата за финансиски
прашања и сметководствен систем на контрола.
Финансиски извештаи – поим и видови е наслов на второто поглавје од вториот
дел и во него се разработени следните тематски единици: сметките од контниот план
според класи, групи и конта, принципот на двојно книговодство, сметководствените
политики, сметководствената евиденција, финансиските извештаи и основи за
подготовка на истите каде е даден практичен пример на Бруто биланс и комплетен сет
на Финансиски извештаи подготвен врз основа на податоците во Бруто билансот.
Последното, трето поглавје од овој дел носи наслов Контролно аналитички
постапки во сметководствената евиденција и во презентираните
финансиски извештаи и во него е обработена содржината на групите и на одделните
сметки и сметководствени контроли кај истите. Овде е направена детална разработка
на сите сметки од класа 0 до класа 9 и се презентирани најважните контролни постапки
кои треба да се направат со цел да се минимизира можноста од пропусти и грешки и
да се откријат евентуални проневери, измами или кражби. На крајот се наведени
контролите и аналитичките постапки кај Извештајот за парични текови и Извештајот за
промени во главнината.
При изготвувањето на книгата ОРГАНИЗАЦИСКИ И СМЕТКОВОДСТВЕНИ
КОНТРОЛНИ СИСТЕМИ е консултирана широка домашна и странска литература од
8
оваа област, како и домашната и меѓународната законска регулатива а особено
Меѓународните сметководствени стандарди и Меѓународните стандарди за
финансиско известување. Посебен мотив, придонес и водич за пишување на овој
учебник ми беше учебникот Accounting Control – Best Practices, Steven M. Bragg,
John Wiley & Sons, Inc., 2006, во кој се презентирани американските искуства за
основни и дополнителни контроли како и политики и процедури во деловните процеси.
Ваквите искуства во овој учебник се адаптирани на македонските услови и пракси.
Секако овде е вткаено и долгогодишното искуство на авторот работејќи како овластен
сметководител, ревизор, проценител, брокер, инвестициски советник, вешто лице,
како и при истражувањето и наставата по предметите Сметководствени контролни
системи, Ревизија, Интерна ревизија и Државна ревизија, со единствена цел, изворно и
компетентно презентирање на материјата.

Item Type: Book
Subjects: Social Sciences > Economics and business
Divisions: Faculty of Economics
Depositing User: Janka Dimitrova
Date Deposited: 15 Jul 2019 10:36
Last Modified: 15 Jul 2019 10:36
URI: https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/22211

Actions (login required)

View Item View Item