Maksimova, Elena (2018) Криминалитетот на жената во периодот од 2005-2015, со посебен осврт врз виктимолошките аспекти. Doctoral thesis, Правен факултет „Јустинијан Први“ УКИМ.
Preview |
Text
doctoral thesis - repositorium.pdf Download (321kB) | Preview |
Abstract
До 70-те и 80-те години на минатиот век теоретското проучување на криминалитетот се базира главно на машките сторители на кривични дела, како примарни престапници, земајќи го т.н. женски криминалитет како некој подвид на криминалитет и криминални активности, за кое не постои потреба од одделно проучување. Старите теории за криминалитетот на жените се засновале на постоење на пореметување на личноста и емоционална неприлагоденост на индивидуата. Целокупното објаснување кое се прави за малиот степен на пројавени криминогени активност кај група на жени, ги става во преден план или нејзините биофизички посебности, или, нешто подоцна, нејзината социокултурна улога поврзана со женското пронаоѓање во неа. Така, припадничките на групата жени кои го чинат регистрираниот криминал извршен од нив, доживуваат соочување со двојни осуди. Согласно општествените погледи и судења, тие ги пречекориле не само општествените граници, туку и половите.
Феминистичките движења кои се јавуваат од поново време, оставаат свој импакт и во ова поле во однос на криминологијата. Започнува се повеќе да се акцентира потребата од засебно изучување на криминалитетот на жените, поради што истиот честопати, а сосем погрешно, е ословуван како „феминистички криминалитет“. Сепак, постапно, но сигурно, жената зазема поголем замав и во вршењето кривични дела, па целокупната светска статистика бележи тренд на покачување и поголема присутност на жената во сите кривични статистики, за сите типови сторени кривични дела. Ова покренува и одредени прашања, како на пример: дали постојат специфики во криминалитетот извршен од страна на жена, а гледано од аспект на родовата диференцијација? Осврнувајќи се конкретно на оваа тема, се поставува и прашањето: кои се главните побуди кои можат да предизвикаат ваква манифестација на антисоцијално однесување?
До денес, потребата од проучување на феноменологијата и етиологијата на криминалитетот на жените не е целосно исцрпена и покрај мноштвото дефиниции кои се појавуваат од осумдесетите години на минатиот век па наваму (кои пак се разновидни до противречност,) како и анализите и полемизирањата за причините кои водат кон постоење и развој на женски криминалитет. Половиот јаз, односно соодносот на полот и криминалитетот и нивните проучувањата секогаш го потенцираат фактот дека жените вршат помалку и полесни кривични дела од мажите. Истражуваното женско криминално однесување, сосем оскудно и еднолично, укажува и на тоа дека: жените за разлика од мажите ја достигнуваат критичната возраст за вршење на престапи порано и дека многу поретко се впуштаат во професионален криминалитет, како и тоа дека кога умислено се впуштаат во вршење кривични дела се поистрајни од мажите.
Гледањето на жената како феноменолошка карактеристика на секој одделен криминалитет, како и простото применување на методите за следење на „машкиот“ криминалитет врз оној кој го врши жената, без никакво внесување на родова сензибилност притоа, едноставно е недоволно. Заедно со оскудните познавања за криминалитетот на жената во последните две децении на нашава територија, а земајќи го во предвид влијанието од надвор и развивањето на научната мисла на оваа тема во глобални размери, се создава научна основа и потреба за подробно и подлабоко, пред сѐ разбирање, а потоа и проучување на криминалното однесување на жената на нашето поднебје.
Едностраноста на објаснувањето на појавата не е доволна за исцрпно запознавање со криминалитетот и неговите криминолошки карактеристики. Потребата од издвојување на методите за проучување на криминалитетот на жените сторители од оние преку кои се проучува криминалитетот на мажите, сметаме дека е клучна за разбирање на дел од причините поради кои истиот се појавува. Следењето на појавата во чекор, овозможува не само нејзино разбирање, туку и прогнозирање на криминалитетот кој го врши жената на нашиве простори за некоја подалечна иднина, и создавање на солидна основа за развивање на општествени параметри за негова превенција, но и за соодветен третман.
Item Type: | Thesis (Doctoral) |
---|---|
Subjects: | Social Sciences > Law |
Divisions: | Faculty of Law |
Depositing User: | Elena Maksimova |
Date Deposited: | 04 Feb 2019 09:07 |
Last Modified: | 17 Dec 2024 09:43 |
URI: | https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/21354 |
Actions (login required)
View Item |