Ignatov, Vladimir (2017) Полициска соработка во кривичните предмети помеѓу Македонија и ЕУ. Masters thesis, University of Goce Delcev Stip.
Preview |
Text
Ignjatov.pdf Download (1MB) | Preview |
Abstract
Вовед
Со рапидниот пораст на транснационалниот криминал, паралелно се наметнува потребата од меѓународната полициска соработка. За да се одговори на предизвиците, таквата соработка е неопходно да биде интензивирана од сите засегнати држави.
Меѓународната полициска соработка зазема сè позначајна улога во сферата на меѓународната соработка за спречувањето на криминалот, и тоа како класичните, така и современите облици на криминал. Имено, спречувањето на современите облици на транснационален организиран криминал е назамисливо без координирана акција на полициските служби на повеќе држави во откривањето на делата и извршителите во обезбедувањето докази итн. Во операционализирањето на својата детектирачка и превентивна функција полицијата може најбрзо и најефективно да реагира во случај на бегство во друга држава, а сè поголемата фреквенција на луѓе и стоки ја става во позиција на речиси незаменлив превентивен чинител, чијашто активност се изразува особено како спречување на влегување на територијата на државата на криминалци или внесување на предмети на казниво дело (оружје, дрога). Покрај ефикасното откривање и спречување на казнивите дела и нивните извршители, интензивната меѓународна полициска соработка е неизбежна претпоставка за функционирањето и на другите облици на соработка. Така, меѓународната казнено-поправна помош, што се остварува меѓу правосудните органи, речиси е незамислива без агилен придонес на полицијата (во пронаоѓањето на сведоците, вршењето увид или други дејства). Исто така, во постапката на екстрадиција полицијата презема дејства на откривање и лишување од слобода на лицето за кое се бара екстрадиција и во обезбедувањето докази што им се ставаат на располагање на судот и на другите органи што ја спроведуваат постапката.
Во определени ситуации полициската соработка се јавува како супститут на формалната казнено-поправна помош. Така, кога последнава не е можна од кои и да било причини (елементарна може да биде непостоење на билатерален договор за таква помош меѓу државите), може да се искористи полициската комуникација заради размена на информации со цел спречување на вршење казниви дела или откривање и следење на нивните извршители. Сферата на меѓународни информации е од значење за превенцијата и репресијата на криминалот, но сепак информациите и податоците со кои располага криминалистичката полиција на секоја одделна држава ни оддалеку не се доволни кога станува збор за организиран транснационален криминал или за откривањето и гонењето за меѓународни злосторства. Нивното успешно сузбивање води кон потребата од развивање методи, организациски, технички и други претпоставки за размена на информациите, како и за нивна систематизација и централизација на меѓународен план.
Мошне плодотворна за спречувањето на криминалот е и полициската соработка што се состои во размена на искуства, стручно усовршување и едукација на кадарот и воопшто унапредување на методите на полициската работа итн. Со исклучок на определени сфери, како што е таканаречениот политички криминал, не постојат никакви отпори од државите на еден таков тренд на сè поширока и поинтензивна комуникација и заеднички настап во превенцијата и во репресијата на криминалот.
Република Македонија како и останатите држави не е имуна на транснационална криминална инфекција. Земајќи ја во обѕир географската положба на Македонија, лесно може да се констатира дека нејзината територија ако не друго претставува транзит на илиегални стоки и услуги наменети за европскиот илегален пазар.
Република Македонија соработува со сите круцијални организациски структури кои се борат против транснационалниот криминал. Значајна улога заземаат Европол и Интерпол. Овие полициски организации изобилуваат со стручен и искусен кадар, финансиски средства, информациски системи, логистика и меѓународен углед. Соработката со истите е од исклучителна важност.
За да постои успешна полициска соработка помеѓу државите против транснационалниот организиран криминал, првенствено неопходно е да се преземат низа активности на билатерален или на мултилатерален план: склучување на меѓународни договори, организирање на меѓународни симпозиуми, хармонизација на домицилните легислативи и други чекори во полза на сузбивањето на транснационалниот криминал.
Република Македонија е потписник на Конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа, има склучено Договор за оперативна и стратешка соработка со Европол, потписник е на проектот ILEKU’SС, значајно од аспект на соработката помеѓу Република Македонија и ЕВРОПОЛ, исто така Меморандумот за разбирање за воспоставување на безбедна комуникациска врска и Билатералниот договор меѓу РМ и ЕВРОПОЛ за поврзување на компјутерски мрежи и др. Што се однесува до домицилната номенклатура, меѓународната соработка е регулирана во Уставот, Законот за меѓународна соработка во кривичната материја, Законот за полиција, Законот за кривичната постапка и со подзаконски акти.
Овој труд има цел да го проучи поимот на полициската соработка инклузивно со историскиот развој и перспективите, начините на полициска соработка, полициската соработка на Република Македонија и Европската Унија во кривичните предмети и Шенгенскиот информационен систем. При елаборирањето на горенаведеното, покрај разработување на позитивните страни на полициската соработка, ќе се обидам да ги детектирам и образложам пречките кои креираат застој во борбата против транснационалниот криминал, како и искуствата кои Република Македонија ги има стекнато на полето на меѓународната полициска соработка и пракса.
Со обработка на содржините на темата сметам дека ќе се придонесе кон зголемување на интересот за анализа на меѓународното казнено право. Очекувам дека истражувањето во овој сегмент ќе одговара со слични анализи од други високообразовни институции коишто во крајна инстанца ќе бидат од корист за правната наука и практика.
Item Type: | Thesis (Masters) |
---|---|
Subjects: | Social Sciences > Law |
Divisions: | Faculty of Law |
Depositing User: | Dimitar Ljubotenski |
Date Deposited: | 24 Aug 2017 07:20 |
Last Modified: | 24 Aug 2017 07:20 |
URI: | https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/18106 |
Actions (login required)
View Item |