Atanasoski, Drasko and Stojanovska-Stefanova, Aneta (2016) Право на договорите во меѓународниот промет - практикум. ISBN 978-608-244-366-9.
Full text not available from this repository.Abstract
Договорот е облигационен однос кој настанува со согласност на волјите на неговите страни. Без таква согласност нема договор, но може да настане некој друг облигационен однос. Подготовката за настап на меѓународните пазари е комплексна и сеопфатна. Покрај политичките, правните и културните искуства кои можат да бидат многу различни во однос на работењето на домашниот пазар, компаниите мора да го прилагодат производството, да работат со зголемен обем на користење на капацитетите, работната сила и финансиите, со употреба на висока технологија и современ начин на производство.
Со меѓународното трговско работење се менува начинот на размислување на целокупниот персонал на компаниите, на раководниот кадар, маркетинг-службата, финансискиот и правниот сектор, како и техничко-инженерскиот кадар. Почетокот на преструктуирање кон извоз може да е проследен и со финансиски ризици, тешкотии и можеби со почетна загуба поради приспособи кон новата конкуренција и зголемените почетни трошоци. Со добра анализа на сопствените производствени, технолошки, кадровски, финансиски и пазарни можности и слабости, со издржан бизнис и маркетинг план и со извозна ориентација на менаџерскиот тим се создаваат солидни предуслови за отпочнување извозни активности.
Договорите во меѓународниот промет не би можеле да постојат и да се реализираат без постоењето на правните правила коишто ги регулираат меѓународните економски односи, односно нивното склучување би било безначајно.
Со појавата и развојот на меѓународната размена и развојот на меѓународните стопански односи воопшто, од нивниот почеток до денешниот динамичен развој, склучувањето на договорите доживува сопствена трансформација. Постојат повеќе концепции за тоа што всушност претставува склучувањето на договор во меѓународниот промет. Истите можеме да ги поделиме во неколку групи кои со соодветствуваат на степенот на развојот на договорните односи. Според класичната концепција која има свој корен уште во римското право договорот се склучува со согласност на волјата на договорните странки која ја разменуваат својата согласност за предметот на договорот имајќи во предвид определена цел.
Областа којашто ја уредува меѓународното право се однесува на законите коишто важат помеѓу државите во светот, а тоа е поприлично една голема област за којашто колку и да се истражува и што и да се напише сепак ќе биде недоволно и малку. Додека домашното законодавство ги уредува домашните закони и прописи во една држава, меѓународното право е поприлично децентрализирано и покрај тоа што се прават обиди и формираат меѓународни тела со цел тоа да се надмине тоа, сепак не постои едно единствено меѓународно тело коешто ќе ги уредува меѓународно правните односи меѓу сите држави во светот.
Предметот право на договорите во меѓународниот промет претставува еден составен дел од меѓународното трговско право и истото врши имплементација и реализација на економските односи коишто ги создава и регулира меѓународното трговско право. Договорите во меѓународниот промет не би можеле да постојат и да се реализираат без постоењето на правните правила коишто ги регулираат меѓународните економски односи, односно нивното склучување би било безначајно. Со оглед на тоа што од година во година е се поголем бројот на склучување на договорни односи каде што еден од субјектите е странско лице или објектот се наоѓа во странство, од исклучителна важност е запознавањето со ваквата материја.
Би можело да се каже дека меѓународното право најнапред произлегува од Обединетите Нации (ОН), тело кое што брои 193 члена, односно 193 држави ширум светот се членки на ова тело. Оваа организација е основана во далечната 1945 г, по завршувањето на Втората светска војна со цел да ги спречи војните меѓу државите и да овозможи дијалог меѓу конфликтните земји. Меѓутоа во ова тело во коешто сите членки се рамноправни и се наоѓаат на една хоризонтална поставеност може да се каже дека сепак само до одреден степен е регулирано меѓународното право бидејќи земјите членки можат да бираат кои рестрикции и правила ќе ги прифатат, а кои не. Се разбира сите членки ги прифаќаат само оние измени коишто би биле во полза на нивната држава.
Item Type: | Teaching Resource |
---|---|
Subjects: | Social Sciences > Economics and business Social Sciences > Law Social Sciences > Political Science |
Divisions: | Faculty of Tourism and Business Logistics |
Depositing User: | Aneta Stojanovska |
Date Deposited: | 17 Feb 2017 13:17 |
Last Modified: | 17 Feb 2017 13:17 |
URI: | https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/16921 |
Actions (login required)
View Item |