Совршено камерно музицирање

Ангелина Димоска

Многу малку од вокалните солистки кај нас имаат толку софистицирано и дестилирано чувство за камерно музицирање како сопранистката Гонца Богоромова Краповски. Повеќе пати досега сме се увериле во нејзината беспрекорност на сцена, посебно на камерните концерти, но и на рециталите на кои секогаш одново ја фасцинира публиката со својот кристално чист и беспрекорно артикулиран вокал.

Така беше и на концертот насловен „Музика за глас, виолончело и пијано“ на кој покрај Богоромова настапија уште двајца исклучителни камерни музичари – виолончелистот Паскал Краповски и пијанистката Милица Шкариќ.

Концертот имаше фино одбран програмски концепт – стилски разнобразен во кој можеа да дојдат до израз вештите изведувачки перформанси на тројцата музичари. Моцартовата едноставност зад која се кријат комплексни замки, романтичните дела на Шуберт, Берлиоз и Франк, композицијата „She walks in beauty” на младиот германски композитор Герхард Дајс напишана специјално за ова трио, вокалниот циклус „Vier lieder” на помалку познатиот дански композитор Јозеф Гласер и традиционалната македонска песна „Со маки сум се родила“ во аранжман на М.Михајловски.  Ова беа делата кои имавме можност да ги чуеме на овој концерт.

Исклучително важните аспекти од камерното музицирање кои подразбираат „дишење во еден здив“ и изведувачка усогласеност изделкана до совршеност беа составен дел од моќните перформанси на тројцата музичари кои се составен дел од ова трио. Сопранистката Гонца Богоромова беше во преден план, но знаеше кога треба да се повлече и да им отстапи простор на Краповски и Шкариќ. Богоромова е вокално супериорна, но на неконвенционален начин, сосема природно и ненаметливо ја гради својата појавност на сцена, се однесуваше како рамноправен член на триото, иако практично беше лидер, а нејзиниот вокал имаше водечка партија во делата кои ги чувме на овој концерт.

Виолончелистот  Паскал Краповски и пијанистката Милица Шкариќ се одлични музичари кои совршено ги познаваат аспектите од камерното музицирање и знаат да бидат дел од целината. Во овој состав – трио за глас, виолончело и пијано, гласот беше доминантен, тој имаше солистичка конотација. Виолончелото и пијаното беа верни сопатници на музичкото патување кое го предводеше моќниот вокал на Богоромова. И Краповски и Шкариќ совршено ја пресликаа стилската разноликост на делата кои ги чувме на овој концерт, вешто ја плетеа навидум споредната позадина без чија совршеност не ќе можеше да се почувствува деликантната и софистицирана изведба на Богоромова.

Концертот насловен „Музика за глас, виолончело и пијано“ донесе вистинско освежување на нашата камерна концертна сцена. Концертот беше искрен, одлично сработен, со многу емоција и жар. Деликатниот состав не ги спречи музичарите на ова трио да направат одличен избор на дела кои ја потенцираа нивната изведувачка флексибилност и прецизност. Стилската разноликост на делата уште повеќе ги нагласи деликатните изведувачки капацитети на овие тројца музичари кои на концертот успеаа да се интегрираат во една целина.

 

 

 

 

Showcases

Background Image

Header Color

:

Content Color

: