Совршен крај на еден совршен ден
Бранка Костиќ-Марковиќ
(За концертот на триото „Богоромова/Краповски/Шкариќ“, одржан на 21 Март 2016, во Фоајето на Македонската опера и балет)
Концертот насловен како „Музика за глас, виолончело и пијано“, кој се одржа во понеделникот во преполното Фоаје на Македонската опера и балет, а во организација на Сојузот на музичките уметници на Македонија, според својата успешност слободно можеше да го носи и заглавието од овој музички осврт. Оваа концертна вечер, токму на залезот на првиот пролетен ден и на крајот на празникот на поезијата (што, по се изгледа, беше случајно совпаѓање), бевме сведоци на ретко музичко-поетско чествување на кое ни беа „донесени“ стиховите на светските поетски „пера“ - Виктор Иго, Александар Дима, Џорџ Гордон Бајрон, Лудвиг Релштаб, низ композиторските пристапи на големите музички мајстори на вокално-инструменталните творби - Моцарт, Шуберт, Берлиоз, но и помалку познатите Јозеф Гласер, Герхард Дајс, Кери Џејкобс-Бонд. Вечер, главно посветена на романтичниот 19-ти век, време на француските „мелодии“, германскиот „лид“, популарните песни..., со еден збор, прошетка низ златните години на зародишот и цутот на уметничката песна, низ нејзините најзначајни трансформации. Овој концерт беше своевиден стилски пресек на нејзините најубави и најрепрезентативни лица.
Триото составено од врвните македонски инструменталисти, воедно и музички педагози, Гонца Богоромова-Краповски – сопран, Паскал Краповски – виолончело и Милица Шкариќ – клавир, ни приреди раритетно музичко доживување. Велиме раритетно, не само заради врвната изведба и специфичноста на камерниот состав, туку и заради длабоко обмислениот избор на отсвирената концертна програма.
Прва на репертоарот беше аријата на Аминта „ L'amerò, sarò costante "од вториот чин на операта „Il re pastore“ („Кралот-пастир„), создадена од тогаш младиот композитор Волфганг Амадеус Моцарт (Wolfgang Amadeus Mozart, 1756-1791), врз либретото на познатиот либретист Метастазио. Аријата е пишувана за сопран-кастрат и е дел од еден вокален квартет на љубовници кои го прават фундаментот на оваа серената (опера серија, односно посебен вид на музичко-сценска форма која е повеќе драмска кантата отколку класична опера). Главната тематика на либретото, историски лоцирана во времето на Александар Велики, се љубовните потреби на човекот наспроти барањата кои ги диктира кралското владеење. Изведбата на оваа арија беше одличен вовед, и хронолошки и еволутивен, во оваа вечер на чествување на уметничката песна. Стилски фокусирана и интерпретативно прецизна, таа беше предвесник на она што потоа ни го приредија овие наши врвни музички толкувачи.
Следна на програмата, логично беше ставена творбата на еден од најголемите композитори на доцниот класицизам и раниот романтизам и еден од најизведуваните творци од раниот 19. век, австриецот Франц Шуберт (Franz Schubert, 1797-1828). Неговата „Auf dem Strom“(„На реката“) е песна (лид) изворно напишана за глас, хорна и клавир (само една од 600-те негови секуларни вокални творби), но постоечка и во други инструментации меѓу кои и за глас, виола (виолончело) и клавир. Овој „лид“ е дел од важниот трет вокален циклус базиран врз стиховите на германските поети Лудвиг Релштаб (6 песни, меѓу кои и исполнетата „Auf dem Strom“) и Хајнрих Хајне (6 песни), вклучувајќи и една песна од Јохан Габриел Зајдл. Збирката го добила името „Schwanengesang“ („Лебедова песна“), според нејзиниот прв издавач Тобијас Хаслингер (Tobias Haslinger), кој сакал да ја прогласи за своевиден последен музички тестамент на композиторот. Таа е објавена постхумно, само неколку месеци по смртта на Шуберт и една година после нејзиното создавање (1828). Инаку, таа всушност и не е вистински вокален циклус, но, сепак го задржала единството помеѓу индивидуалните творби, допирајќи ги длабочините на трагедијата и на надприродното, нешто што не го имал направено ниту еден композитор во претходниот век. Оттука, изборот на песна токму од овој циклус за концертот на триото, и дава посебна тежина на целата концертна програма.
Воедно, таа беше и најава на она што допрва требаше да се случи -вистински музичко-поетски празник на кој прозвучеа стихови на повеќе различни јазици – италијански, германски, француски, македонски, англиски. Во натамошниот тек на вечерта, сопранот Богоромова-Краповски, покажа одлично владеење на сите, проникнувајќи во длабоката поетска, но и музичка посебност, со особена сценска убедливост во германскиот јазик. Во неколкуте „лидови“, Богоромова не плени со драматичноста на својот вокал, но и со презентирањето на типичната германска воздржаност и рескост. Јасно се почувствува дека таа ја одредила вистинската мерка, но и дека е комотна во својата творечка слобода здобиена со повеќегодишното искуство на концертните подиуми. Не' пленеше со неверојатната контрола над својот вокален апарат, со издржаните фрази, лежерноста во звукоизвлекувањата оставајќи не со впечатокот дека има доволно воздух и за уште една долга фраза. Употребените украси имаа филигранска рафинираност, вибратата и беа прецизно димензионирани, покажа високопрофесионална сценска дисциплина и доследност кон нотниот текст, како и одлично владеење на материјалот што и овозможи и лична надградба на композиторските замисли. Но, да се вратиме на Шуберт и неговата богата фактура на творбите, овојпат заради афирмација на еден хроничен македонски проблем – недостигот на вистински, наменски создаден, а не адаптиран, концертен простор за камерно музицирање. Кај нас понудата на овој вид камерни сали е еднаква на нула и просторите кои се користат за овој вид на концерти или имаат кусок или отповеќе акустика, што е случај и со преакустичноста на Фоајето на Македонската опера и балет. За среќа, на конкретниов концерт, проблемот беше крајно минимизиран со искуството на изведувачите, особено со способноста на Милица Шкариќ стамено да ги држи „узидите“ на клавишите и педалите и успешно да се справи со преклопувањето на хармониците од раскошната фактура на шубертовата клавирска делница. Конечно, и тоа е една од одликите на искусен професионалец кај кого се гледа и вештината да ги најде и дозира механизмите за контрола на резонантноста на инструментот условена од акустички несоодветниот концертен простор.
Оваа ретка и убава камерна формација – глас, виолончело и клавир, реализирана од триото Богоромова/Краповски/Шкариќ, на моменти успеваше и да не „прелаже“ дека слушаме дует на сопран и мецосопран во клавирска придружба, но и да не намами со внимание да ја следиме нивната игра каде тие се „натпејуваа“, „надигруваа“ и уверливо влегуваа во повеќеслојната драматургија на своите музички дијалози. Токму ова последното беше јасно изразено во романтичниот циклус “Vier Lieder”од чешко-данскиот композитор (со потекло од тогашна Бохемија) Јозеф Гласер (Joseph Glæser 1798-1861). Композицијата е оригинално напишана токму за ваков ансамбл (глас, виолончело и пијано) и содржи четири германски „лидови“ (Abendschlummer; Kein Echo; Schlaf' auch du!; Lockung) творени на стихови на современици на Гласер, германски поети од 19. век. Овој композитор е и познат по тоа што има богат опус на куси вокални циклуси, претежно пишувани на поезијата на данските поети, но и такви на германски јазик, каков што е споменатиот “Vier Lieder”, изведен оваа вечер.
Иако, за оние кои не се претходно, макар елементарно, запознаени со тематиката на песните е речиси невозможно симултаното разбирање на стиховите на германски јазик, сепак Богоромова им помогна да се внесат во атмосферата, сугестивно донесувајќи го романтичниот сензибилитет на поезијата која говореше за капење на вечерина, за копнеж кон невозвратениот глас, за сонот и љубениот, за копнежот и заведувањето. А што се однесува до другиот солист, виолончелистот Краповски, тој и тука, како впрочем и низ останатите композиции отсвирени на концертот, покажа јасна стилистика, висок музикалитет, емотивна топлина и врвна мелодиозност. Кога за тоа имаше потреба, тој беше гласникот кој не повикуваше на внимание, а кога, пак, тоа го бараше партитурата, тој диктираше спокојство и безбедно не враќаше кон тежиштето. Инаку, Паскал Краповски е искусен камерен и оркестарски музичар, со бројни настапи во различни ансамбли, но и со сигнификантен фонд на отсвирени сола како симфониски музичар. Ако кон тоа го додадеме и фактот дека неговата концертна сојузничка-соперничка е и негова животна сопатничка, тогаш ни станува јасно од каде таа акустичка амалгамираност на неговиот инструмент со гласот на Богоромова. Едноставно, на моменти звукот на виолончелото се стопуваше со темброт на вокалот, и обратно. Очекувано, годините на заедништво направиле тие да се сродат.
Концертот, барем за авторот на овој текст, имаше и своевидна едукативна улога во запознавањето на вокалните стилови и нивната еволуција. Веруваме дека не беше случајно тоа што после германските „лидови“ следуваше познатата композиција „La Captive“ („Заробеник“) на големиот француски романтичар Хектор Берлиоз (Hector Berlioz), чија творба е своевиден пионерски пример за таканаречениот еволуиран композиторски стил кој јасно ја демонстрира транзицијата од дотогаш типичната француска романса (romance) во мелодија (melodié), а која се јавува како логична последица на претходното запознавање на Франција со „лидовите“ на Франц Шуберт од раниот 19. век. Пред тоа, во доменот на француската уметничка песна доминирала формата со едноставна строфичност и љубовна тематика, но после „откривањето“ на споменатите шубертови "лидови", интересот се пренасочил кон создавањето на една поразвиена и поекспресивна француска песна. Токму Берлиоз е личноста која овие нови видови на песни ги нарекува мелодии и кој низ четирите ревизии на песната „La Captive“ ја покажува споменатата транзиција, за прв пат правејќи јасна дистинкција меѓу дотогаш стилски сличните видови. Затоа ова негово „опејување“ на стиховите на „La Captive“од Виктор Иго (Victor Hugo) подоцна ќе биде споредувана со другите видувања на истата поема од страна на неговите современици, но и со неговиот личен пристап кон другите компонирани песни, сето тоа со цел да се покаже еволутивноста на композиторскиот стил. „La Captive“ постои во неколку различни инструментации, но премиерната изведба и официјалната публикација е токму оваа од 1832-година, наменета за вокал, виолончело и пијано.
И доколку во вокалната интерпретација на мелодијата на Берлиоз почувствувавме мала доза на колебливост во дистанцирањето од претходно исполнетиот германски „лид“, веќе во песната на Цезар Франк (César Franck,1822-1890) исчезнаа сите дилеми дали Богоромова одлично ги владее и француските музички „ракописи“ и може без проблем да се „телепортира“ од една во друга естетика. И повторно е за неверување дека композицијата на Франк е случајно ставена веднаш зад онаа на Берлиоз, знаејќи го фактот дека и Цезар Франк ги учел тајните на хармонијата и контрапунктот кај истиот професор кај кој учел Берлиоз, и дека логично влече извесна хронолошка поврзаност со него. Иако роден Белгиец, Франк целата своја кариера на композитор, пијанист, оргулист и педагог, ја гради во Париз. Но, пред да се отсели во Париз, тој во организација на својот амбициозен татко, прави пијанистичка турнеја низ неговата веќе осамостоената Белгија и ги создава и своите први песни, меѓу нив и „Le Sylphe “, изведена од триото „Богоромова/Краповски/Шкариќ“. Оваа, како и другите песни од раниот период покажуваат влијание од француските романси, но и од творештвото на Бетовен и Шуберт, за разлика од подоцнежните кои демонстрираат вагнеријанско хармонско влијание. Меѓу сите песни напишани за глас и пијано, само една вклучува и виолончело, а тоа е споменатата „Le Sylphe “(„Самовила“), создадена во периодот 1842-3 година, на стиховите на истоимената песна на Александар Дима (Alexandre Dumas). Таа е еклатантен пример за шармантниот и тактилен ран световен стил на композиторот.
Концертот потоа продолжи со светската премиера на композицијата на современиот австриски композитор и дипломат Герхард Дајс (Gerhard Deiss, 1950-), кој не пренесе во еден поинаков композиторски „фазон“, во атмосфера налик на модерните камерни опери. Овој автор, специјално за триото ги „озвучил“ познатите стихови од поемата „She walks in Beauty” („Чекори таа со убост“) на бунтовниот англо-шкотски поет, предвесникот на англискиот книжевен романтизам, лордот Џорџ Гордон Бајрон (George Gordon Byron). Низ интерпретацијата на оваа вокална творба, Гонца Богоромова покажа огромен потенцијал и за современи оперски стварувања и тоа е нешто што треба сериозно да се разгледа од страна на соодветните институции.
Седмата композиција, аранжманот на традиционална македонска песна „Со маки сум се родила“ на македонскиот виолинист (член на оркестарот на МОБ) Михајло Михајловски откри и други аспекти на концертното трио. Иако композицијата творечки заостануваше зад зрелите творечки пристапи на останатите композитори во програмата, сепак на ниво на вроден композиторски потенцијал, понуди една истакната сензибилност и мошне суптилен интерпретаторски пристап кон традиционалната македонска музичко-фолклорна материја, со што ги поттикна музичарите на градење на една „тивка“, но тензична атмосфера во доловувањето на убавата традиционална македонска песна. Низ постепено дозираната интерпретација (особено во одлично водената клавирска делница од страна на Шкариќ составена од континуираната репетирачка фактура) на таговната „Со маки сум се родила“, бевме асоцијативно доближени до филмичните композиции на Филип Глас, Риучи Сакамото и ним сличните. Евидентно беше дека авторот повеќе водел сметка за звучниот ефект на отсвиреното, отколку за збогатување на хармонскиот јазик. Сепак, мора да се спомене дека темите беа вешто провлекувани низ споменатата „тивка“ напнатост, која успеа на крајот да оствари и силен уметнички климакс. Низ четирите, условно кажано, делови, сопранот ја водеше главната тема, прво на вокалот „у„ во еден манир на онаа народната „тивка вода, брег рони“, за потоа се појави и во виолончелото, кое сега звуково наликуваше на контрабас, па октавно се удвои со клавирот кога тројцата изведувачи ја потенцираат (овој пат гласот интерпретирајќи ја на вокалот „а“), а на крајот сите поминаа во подвлекување на убавата мелодија во целата нејзина целовитост (изведена со оригиналните стихови од првата мелострофа), така динамизирајќи го материјалот до максимум. На „опашката“ на овој развој следеше и кратко финално смирување до исчезнување. Ваквото градење на творбите е иманентно на македонските ора, како „Тешкото“. Добрата интерпретација и органската поврзаност со националните вредности, кај сите присутни произведе долг и силен аплауз и го најави крајот на официјалниот дел од концертот.
Сепак, според авторот на овој текст, последната композиција требаше всушност да биде бис на вечерта (заради споментата дискрепанца во композиторскиот дел), а вистинското заокружување на концертот требаше (како што практично и се случи) да го даде делото кое музичарите го подготвија за подарок на публиката. Воведните стихови „When you come to the end of a perfect day“ („На крајот на еден совршен ден“) од композицијата „A Perfect Day“ на познатата американска пејачка, пијанистка и „сонграјтерка“ Кери Џејкобс-Бонд (Carrie Jacobs-Bond, 1862-1946), вистински го подвлекоа чувството од кое веќе беа обземени сите присутни на концертот на триото, дека кога денот е на својот залез и кога остануваме сами со своите мисли, си споменуваме на радоста што ни ја донел тој ист ден. Токму така, и овој 21 Март, овој прв ден на пролетта и празник на поезијата доби своја прекрасна завршница – ретко убаво уметничко доживување и достоинствено музичко чествување на поезијата. Оттука, слободно можевме да го прогласиме за уште еден совршен ден.
Но, за да бидеме докрај доследни на својата објективна вивисекција на настанот, ќе ги споделиме и следниве наши размислувања. Покрај споменатите адути на сопранот Богоромова кои се огледаат, пред се', во нејзиниот прекрасен, култивиран и едуциран вокал, не може да се занемари и нејзината вонсериска физичка појавност, која постојано не мамеше да посакуваме не само музички, туку и сценски перформанс. Сепак, кај неа постои една доза на драматуршка резервираност, што веројатно се должи на нејзиниот општ хабитус, но и заради малото оперско искуство. Но, и овој мал „недостаток“ не успеа да го наруши нашиот генерален впечаток дека Гонца Богоромова-Краповски е врвен и редок вокален солист, чиј уметнички „пик“ допрва ќе се појави на оперскиот хоризонт.
Пијанистката Милица Шкариќ, пак, беше многу повеќе од пијано-придружба на двајцата главни носители на солистичките делници. Иако сценски повлечена во позадината на формацијата, таа музички беше цврстиот фундамент на изведбите, рамката на музичкиот тек на композициите, „сликарот“ на звучните пејсажи, но што е најважно, беше главниот „режисер“ на музичката естетика на триото. Беше вистински воведничар во музичките стилови на изведуваните композиции, улога во која дојде до израз целото нејзино квалитетно образование, и практично и теориско, во престижни образовни центри во Франција, Германија, САД.
И на крајот, ваква една сериозно конципирана програма, бара исто толку сериозна афирмација. Забелешката ќе ја упатиме кон Сојузот на музичките уметници на Македонија, но и кон другите македонски концертни организатори, кои посветуваат многу мало внимание на придружните материјали на програмата, но и не се грижат за соодветна реклама во јавноста. Ваков богат репертоар „бара“ и белешки за делата и композиторите, ако не и превод на стиховите на интерпретираните песни. Но, вината не е само кај посочените организатори, туку и во целиот систем на функционирање на културанта политика во државава, каде макекедонската музиколошка активност е ставена на маргините на институциите и медиумите, и во поглед на подготовката на културните програми и во поглед на нивното пропагирање и стручно оценување. За пропуст на организаторот го сметаме и непријатното реметење на текот на концертот од повремените звуци кои доаѓаа од другите простории на МОБ, што во еден момент, пред изведбата на композицијата на Цезар Франк, ги примора музичарите да замолат за интервенција. Така, после минорните моменти на деконцентрација и натчовечките напори за музички фокус за време на изведбата на третиот и четвртиот „лид“ на Гласер, изведувачите и публиката се вратија во посакуваниот колосек.
Познато е дека триото е едно од најтешките камерни формации, особено што во случајов се работи за атипичен ансамбл од инструменти за кој има релативно сиромашен фонд на дела. Концертот сепак покажа дека на настапот на ова трио не треба да се гледа како на единечен подвиг, туку дека треба да се очекува негово долгорочно постоење, макар и преку изведбите на нови инструментации на веќепостоечките дела за состави со сроден изведувачки апарат, но преку композиции специјално создавани за него. Првата и најтешката задача е успешно остварена – триото „Богоромова/Краповски/Шкариќ“ го наметна својот идентитет во јавноста, секој негов член го потенцираше и својот индивидуален, но сепак функционален интегритет во рамките на ансамблот, а сите заедно не убедија дека пред нив нема несовладливи предизвици. Ние храбро велиме дека имаат иднина, а дали ќе ги потврдат очекувањата, ќе покаже времето.