Безбедност и контролинг во туризмот и угостителството - скрипта

Metodijeski, Dejan and Filiposki, Oliver (2016) Безбедност и контролинг во туризмот и угостителството - скрипта. ISBN 978-608-244-330-0.

[thumbnail of Skripta Bezbednost i kontroling vo turizmot i ugostitelstvoto.pdf]
Preview
Text
Skripta Bezbednost i kontroling vo turizmot i ugostitelstvoto.pdf

Download (1MB) | Preview

Abstract

Скриптата е наменета за потребите на студентите на Факултетот за туризам и бизнис логистика за подготвување на испитот по предметот Безбедност во туризмот и угостителството. Оваа скрипта е од областа на туризмот и угостителството. Се состои од 12 поглавја, што е во согласност со Наставниот план и програмата на Факултетот за туризам и бизнис логистика. Предметот Безбедност во туризмот и угостителството, за којшто е наменета скриптата, е задолжителен предмет на насоката Туризам, носи 6 кредити и се слуша во четврта година, седми семестар со неделен фонд на часови 2+2+1. На насоките Гастрономија, исхрана и диететика и Хотелско-ресторанска насока е изборен предмет, носи 4 кредити и се слуша во четврта година, седми семестар со неделен фонд на часови 2+1+1. Скриптата претставува основна литература во изучување на предметната програма од горенаведената наставна дисциплина. Материјалот во ракопис за скрипта е изложен концизно и прегледно со што е лесно разбирлив и совладлив од страна на студентите за кои е наменет. Скриптата можат да ја користат сите студенти на останатите факултети каде што се изучува предметот Безбедност во туризмот и угостителството, но и останатите стручни кадри кои ја проучуваат оваа проблематика. Скриптата е изготвена со цел да се унапреди наставата по предметот Безбедност во туризмот и угостителството и да се подобри квалитетот на знаењето на студентите. Во разработката на скриптата е користена соодветна литература од познати автори и институции од областа на безбедноста во туризмот и угостителството, а во голем дел е базирана на книгата од авторот Clifton, D. (2012), Hospitality security: Managing Security in Today’s Hotel, Lodging, Entertainment, and Tourism Environment. Boca Raton: Taylor & Francis Group, а последниот дел на Косаркоска, Д. (2004), Менаџмент контрола – Контролинг. Охрид: ФТУ
Предметната програма по предметот Безбедност во туризмот и угостителството е составена од 12 поглавја и тоа:
Во првото поглавје се претставени и дефинирани основните поими на безбедност во туризмот и угостителството и контролингот, меѓународната безбедност, безбедноста во туристичките дестинации и региони, безбедноста во туристичко-угостителските организации, сообраќајните средства и законската регулатива поврзана со безбедноста. Објаснети се и дадени основните информации поврзани со проценка на ризиците, детерминирање и нивната проценка, категоризацијата на угостителскиот имот, изработката на листа на закани и можноста од појава на несакан настан кој влијае не безбедноста на туристите и вработените.
Во второто поглавје е прикажан планот за безбедност и неговата содржина, мисијата на Одделението за безбедност, организацијата и процедурите, пописот на имотот во угостителските претпријатија и различните политики за безбедност во туризмот.
Во третото поглавје се обработува материјалот поврзан со буџетирањето и основите на буџетирање на Одделението за безбедност, капиталните трошоци и добивки на ова одделение, стратегиите за намалувањето на трошоците за безбедност и оправданоста за постоењето на Одделение за безбедност.
Во четвртото поглавје, Упатство за безбедност, се посветува внимание на хиерархијата на правила, видовите на упатства, инструкциите за безбедна работа, содржината на упатството за безбедност, пишувањето на упатство за безбедност, упатство за итни случаи и акционен план за инциденти.
Петтото поглавје е посветено на вработувањето во секторот Безбедност, ангажирање на кадри во секторот Безбедност, регрутирање, аплицирање и спроведување на интервју, распределба на вработените и ориентација, структура на примања и менаџментот на секторот Безбедност како фактор за добро менаџирање на безбедноста.
Обука на персоналот за безбедност е претставен во шестото поглавје. Тоа ги опфаќа програмите за обука, теоретските и практични обуки, реалните вежби на работното место, политиките на употреба на сила и документирањето и евидентирањето на обуките.
Седмото поглавје се однесува на заштитата и програмите за заштита, усогласеност, свесност, обуки за заштита, комуникација и компензација за вработените. Определени се документирањето на несреќните случаи, управувањето со ризиците, свесноста на вработените за безбедноста, соодветното реагирање при итни случаи, природни непогоди и безбедносни кризи и насилството на работното место.
Во осмото поглавје е опфатен материјалот поврзан со патролните процедури. Во ова поглавје се обработуваат стражарниците, правилата за обезбедување, патролните процедури и инструкции, одделение за изгубено-најдено, обезбедување на казина, ноќни клубови и барови, спа центри, ресторани, хотели, конференции, паркинг простор, приватен имот и мерките за безбедност.
Деветтото поглавје е посветено на системите и опремата за безбедност, аларми за пожар и автоматски детектори, безбедносни системи, системи за набљудување, контрола на клучеви, сефови, сигурносни шкафови и софтвери за безбедност.
Во десеттото поглавје се посветува внимание на преземањето на безбедносни мерки при настанување на итни случаи. Опфатени се планирањето на итни случаи, реагирањето при итни случаи, справување со криминал, инциденти, нарушување на законот, тероризам и природни непогоди.
Единаесеттото поглавје се однесува на истрагите, прелиминарните истраги, процес на спроведување на истрагата, пишување на извештај од истрагата, анализа на истрагите, внатрешен криминал и ревизии.
Во последното поглавје е претставена менаџмент контролата како основна функција на менаџментот, организација на контролата, видови на контролирање, карактеристики и анализа на ефективниот систем за контрола во туристичките и угостителски организации.
Искажуваме благодарност до сите колеги и соработници кои дадоа придонес во обезбедувањето на материјалите кои беа неопходни за комплетирање на содржината на скриптата. Мислењата и забелешките можат да се упатуваат до авторите по електронски пат.

Item Type: Teaching Resource
Subjects: Social Sciences > Economics and business
Divisions: Faculty of Tourism and Business Logistics
Depositing User: Dejan Metodijeski
Date Deposited: 02 Dec 2016 10:37
Last Modified: 02 Dec 2016 10:37
URI: https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/16509

Actions (login required)

View Item View Item