Nikoloski, Krume and Paceskoski, Vlatko (2016) Економската мисла на класичната и кензијанската економска школа. Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип. ISBN 978-608-244-309-6
Full text not available from this repository.Abstract
Економскитe појави и процеси еволуираат во секое општество и во различни општествено економски услови. Економскиот процес е вграден во општеството и е во врска со сите аспекти на културниот и економскиот живот. Разбирањето на историските мисли, на економскиот систем и на економската теорија бара подигнување на свеста на социјален, историски и филозофски контекст во којшто тие се развиваат.
Во пишувањето на овој учебник, покрај странската литература, консултирани, прилагодени и обработени се темите од учебниците на македонските економисти. Станува збор за учебникот на Тодор Тодоров, Економски теории и економски мислители, објавен на Економски факултет во Прилеп во 2002 година и учебникот на Методија Стојков, Развој на Економската мисла, објавен на Економски факултет во Скопје во 2008 година.
Историјата на економската мисла е студија на алтернативни перспективи и објаснувања за тоа како економските процеси и појави функционираат. Важен аспект во проучувањето на економската мисла е да се идентификуваат факторите коишто ги поттикнуваат различните пристапи и перспективи на една економија. Во овој контекст, потребно е да се развијат алатки со чија помош може да се разберат различните пристапи и перспективи во општествено економските услови.
Разбирање на различни пристапи и перспективи за економија, причините за тие разлики и како тие еволуирале со текот на времето, обезбедува историски и филозофски контекст којшто ги охрабрува повеќето економисти за критичка анализа на тековните економски алатки и нивната примена. Овој критички пристап има три предности. Прво, во многу развиени земји и земји во развој, изучувањето на историјата на економска мисла се смета за незаменлив дел од обуката на секој економист, односно задолжителен предмет на секој студент. Второ, новите истражувања и новите сознанија на современите економисти се базираат на постоечкото знаење стекнато со изучување на историјата на економските теории. И трето, придонесот ќе биде во научната мисла на сите тие нови сознанија, кои секогаш ќе имаат основа и тенденција за поставување и изучување на нова економска теорија. Затоа историјата на економската мисла може да ги поттикне новите истражувања од страна на економистите за откривање и повторно разгледување на проблемите и условите во којшто функционира економијата.
Изучување и разбирањето на историјата на економската мисла е релевантна за студентите на Економскиот факултет, бидејќи кога ќе учат за еден предмет потребно е да имаат знаење за тоа како предметот еволуирал да неговата сегашна форма. Студирањето на историјата на економската мисла им помага на студентите за подобро разбирање на внатрешната динамика на одредена тема. Имено, студентите во наставната програма ќе ги изучуваат концептите и теориите кои се резултат од работата на претходните генерации на економисти. Сфаќањето дека економијата се развива како континуиран процес кој продолжува и денес, е само по себе инспирација за оние кои сакаат да се обидат да се здобијат со подобро познавање на оваа тема, а можеби дури и да придонесат за нејзиниот понатамошен развој.
Item Type: | Book |
---|---|
Subjects: | Social Sciences > Economics and business |
Divisions: | Faculty of Economics |
Depositing User: | Krume Nikoloski |
Date Deposited: | 12 Jul 2016 08:36 |
Last Modified: | 12 Jul 2016 08:36 |
URI: | https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/16028 |
Actions (login required)
View Item |