Mladenoski, Ranko (2005) Семантичка дезинтеграција и морална деградација на ликот во прозата на Димитар Солев и Драги Михајловски. Masters thesis, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Филолошки факултет „Блаже Конески“, Скопје.
Preview |
Text
Ranko Mladenoski magisterski trud fragment.pdf Download (499kB) | Preview |
Abstract
Магистерскиот труд со наслов „Семантичка дезинтеграција и морална деградација на ликот во прозата на Димитар Солев и Драги Михајловски“ е конципиран и реализиран во три сегменти: Теорија, Емпирија и Апликации. Во првиот дел („Теорија“) се посочува основниот теориски инструментариум со чија помош се врши дескрипција на книжевниот материјал од аспект на дезинтеграцијата и деградацијата на ликот. Во таа смисла, поставени се две главни цели. Прво, да се определи насоката по која ќе се врши анализата на ликот во поглед на неговата семантичка дезинтеграција и морална деградација, односно јасно да се разграничат теориските методи, начела и принципи неопходни за работата врз материјалот. Второ, да се прецизираат, колку што е тоа можно, дефинициите за теориските поими, односно термини, со оглед на фактот дека често во теоријата на литературата се нудат различни, понекогаш дури и спротивни, определби за еден ист поим, односно термин.
Вториот дел од трудов („Емпирија“) ги елаборира сознанијата до кои дошла македонската книжевна критика во врска со дезинтеграцијата и деградацијата на ликот во прозата на Солев и на Михајловски. За творештвото на Солев може да се каже дека предизвикувало особен интерес во книжевната критика уште со самото негово појавување на полето на литературата, додека за Михајловски ќе треба, сепак, да се назначи оти и натаму останува впечатокот дека критиката како да го заобиколува, односно како да го игнорира неговото книжевно дело.
Во делот „Апликации“, со примена на веќе детерминираниот теориски инструментариум, се врши дескрипција на белетристичкиот материјал, односно на прозата на Солев и на Михајловски, од аспект на семантичката дезинтеграција и морална деградација на ликот како суштинска наративна постапка кај двајцата автори. Се елаборира ова прашање одделно во прозата на Солев, односно во неговите романи „Кратката пролет на Моно Самоников“, „Зора зад аголот“ и „Дублер“, но и во збирката раскази „Одумирање на државата“. При тоа обработени се идентичните наративни постапки во врска со дезинтеграцијата и деградацијата на ликот во четирите прозни дела со што се откриваат сврзувачките, но и разделувачките сегменти. Истата постапка се применува одделно и во прозата на Михајловски и тоа во збирките раскази „Речно улиште“, „Ѓон“, „Скок со стап“ и „Триполската капија“, но и во романите „Пророкот од Дискантрија“ и „Смртта на дијакот“. Исто така, се врши и споредба меѓу анализираната проза на Солев и на Михајловски во однос на тоа кои се идентичните, од една, но и кои се дистинктивните својства, од друга страна, во структурите на нивните дела во врска со дезинтеграцијата и деградацијата на книжевниот лик. Ваквиот компаративен приод овозможува да се согледаат глобалните наративни стратегии во дезинтегрирањето и деградирањето на ликот во прозата на Солев и на Михајловски што резултира со соодветни сублимирани ставови ‒ колку се слични и колку се различни нивните раскажувања. Споредбата меѓу двата прозни дискурса покажува дека тие имаат повеќе идентични, а помалку дистинктивни особености.
Item Type: | Thesis (Masters) |
---|---|
Subjects: | Humanities > Languages and literature |
Divisions: | Faculty of Philology |
Depositing User: | Ranko Mladenoski |
Date Deposited: | 04 Apr 2016 08:28 |
Last Modified: | 04 Apr 2016 08:28 |
URI: | https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/15657 |
Actions (login required)
View Item |