Регионална студиска посета на студенти од ФОНВо рамки на проектот „Зајакнување на интеретничката работа со млади во универзитетскиот курикулум за идни наставници”(Центар за балканска соработка LOJA - Тетово, Република Македонија, KURVE Wustrow e. V., Германија и Факултет за образовни науки, Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип, Република Македонија), во периодот од 11 до 19 ноември 2015 г. студентитеМарија Димкова, Ѓоко Стојчевски, Розета Самарџиска, Катерина Маневска и Дунавка Стојановска од ФОН, кои претходно го посетуваа курсот и тренингот за ненасилна разработка на конфликти во организација на ЦБС Лоја, остварија студиска посета на регионот (Косово, Албанија, Босна и Херцеговина и Србија). Тие имаа можност да посетат повеќе организации и институции кои се занимаваат со меѓуетнички релации, соочување со минатото, човекови права, владеење на правото и соработка на граѓанското општество во Косово, Албанија, Босна и Херцеговина и Србија. Во Косово студентите ја посетија CiviKos platform во Приштина – иницијатива на граѓански организации кои имаат за цел креирање и создавање средина за формална соработка меѓу цивилното општество и владиниот сектор на Косово. Истовремено студентите имаа можност подобро да се запознаат со градовите Приштина и Призрен. Во Албанија студентите го посетија Универзитетот во Тирана и присуствуваа на презентација на работата на Универзитетот. Во рамките на оваа посетата беше опфатена и Национална агенција за млади. Студентите имаа можност заедно со водичи подобро да ги запознаат градовите Тирана, Драч и Скадар. Студиската посета понатаму продолжи во Босна и Херцеговина, каде што во Мостар го посетија Младинскиот културен центар „Абрашевиќ“, простор што им понудил на младите можност за работа и креативно изразување, културна надградба, широка општествена дебата, анализа и критика на сегашните состојби во БиХ. Студентите одблизу ја воочија специфичната историја и култура на Мостар. Во Сараево студентите се запознаа со работата на Центарот за ненасилна акција, Иницијативата на младите за човекови права (YIHRBH) и Мировната академија (Програма на невладината Fondacije Mirovna аkademija, со цел да изгради и промовира култура на мир во сите социјални сфери). Во Србија студентите ја посетија Иницијативата на младите за човекови права (YIHR) во Белград и Фондот за хуманитарно право, кој им помага на постјугословенските општества да воспостават владеење на правото. Студиската посета им овозможи на студентите да ги збогатат своите искуства и знаења од областа на мултикултурализмот, позитивно градење на дијалог, соработка, ненасилство, човекови права, владеење на правото, граѓанско општество и сето тоа придружено со многу дружење со студентите од различна етничка и религиска припадност од Република Македонија и регионот.
|