Во рамките на манифестацијата „Велес-Град на културата 2015“ концерт-рецитал на пијано одржа Петре Штерјов, млад 25-годишен пијанист од Велес. Велешката публика на концертот на младиот Штерјов, премиерно можеше да ги слушне концертните минијатури на Томислав Зографски, за прв пат изведени од друг изведувач.
Тоа се десетте минијатури за пијано опус 11, од македонскиот композитор Томислав Зографски. кои до сега се изведени само од авторот во далечната 1955. За прв пат се наоѓаат на репертоарот на друг изведувач. Премиерната изведба на овие дела ќе биде тоа што ќе го запише овој концерт како посебен и единствен.
Особена чест ми е што токму јас сум првиот кој Десетте минијатури за пијано Оп. 11 ги поставил на својот репертоар, а исто така горд ме прави тоа што професорот Зографски по потелко е велешанец. Тремата е присутна, знаејќи ја одговорноста што концертите на класична музика ја носат со себе, но чувството после концерт е неописливо - рече Штерјов.
Професорот и композитор, Томислав Зографски напишал две книги минијатури за пијано, едната од нив е често изведувана, додека другата своето премиерно изведување го имаше на концертот во Велес.
Пред публиката во салата Бели мугри, тој се претстави со дела на Чимароза, Хендел, Хајдн, Лист и Зографски. Штерјов е добитник на наградата „Деветти ноември“ на општина Велес за афирмација и промоција на општината во областа на културата и уметноста.
Младиот пијанист заврши ФМУ при УКИМ отсек наставно теоретски хорско диригирање а сега студира ФМУ на Штипскиот Универзитет, отсек пијано пијано кај проф. Милица Шкариќ.