Шкариќ и Поп Томова со целовечерен концерти во Скопје и во Штип
10.6.2015 Во четврток 11 јуни, со почеток во 20 ч., во фоајето на Македонската опера и балет целовечерен концерт ќе одржат сопранистката Благица Поп Томова и пијанистката Милица Шкариќ. Двете уметници ќе се претстават со дела од Чајковски, Рахмањинов, Прокопиев, Зографски, Гавриловски, Белини, Пучини, Каталани и Гуно. Благица Поп Томова дипломирала и магистрирала на ФМУ - Скопје. Првенка е во Македонската опера и балет и има настапувано во бројни, позитивно оценети главни улоги. Милица Шкариќ завршила студии по пијано во Париз и во Хамбург. Добитник е на голем број домашни и меѓународни награди. Професор е по пијано на Музичката академија во Штип. Ден подоцна (петок) уметниците ќе одржат концерт во Штип во Уметничката галерија „Безистен“ со почеток во 19 ч.
|