Религиското образование во мултиетничките општества со осврт на македонското општество

Koceva, Daniela (2014) Религиското образование во мултиетничките општества со осврт на македонското општество. PhD thesis, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Филозофски факултет.

[thumbnail of Daniela Koceva Doktorska disertacija.pdf]
Preview
Text
Daniela Koceva Doktorska disertacija.pdf

Download (324kB) | Preview

Abstract

Докторската дисертација со наслов „Религиското образование во мултиетничките општества со осврт на македонското општество“ претставува систематична и длабинска анализа на религиското образование во светот и во Република Македонија. Во трудот се образложени и анализирани мноштво на актуелни теми поврзани со актуелизирањето, воведувањето, реализацијата, проблемите и придобивките од реализацијата на религиското образование. Преку едно компаративното проучување на религиското образование, овој докторски труд овозможува запознавање на народите, државите, културните традиции и нивното меѓусебно разбирање, како и извлекување на позитивните, па и негативните придобивки од реализацијата на религиското образование, а со тоа и искористување, подобрување и унапредување на моделот кој се применува кај нас.
Во тезата се елаборирани моделите на религиско образование, карактеристични за некои од европските и балканските земји, тргнувајќи пред се, од мултиетничкиот и мултиконфесионален состав на самите држави, а посебен осврт е даден на ситуацијата и случувањата во областа на религиското образование во Република Македонија.
Во рамките на изработката на трудот се користени повеќе научно истражувачки методи како што се: компаративниот метод (како доминантен), историскиот метод, со цел осознавање на појавата и развојот на религиското образование, и неговите специфики и осознавање на детерминантите коишто имаат пресудно значење за неговиот развој. Анализите на правните прописи и правни извори за регулирање на оваа проблематика се вршеа со примена на аналитичко-синтетичкиот метод, а сумирањето на резултатите на целокупното истражување и научната анализа се вршеше со помош на дијалектичкиот метод. И сето ова во насока на изготвување на модел на религиско образование соодветен на нашите услови и насочен кон јакнењето на заедничкиот живот, односно толерантноста во рамките на мултикултурната и мултиконфесионалната заедница, какво што е македонското општество.
Во понатамашниот дел е преставена и анализирана актуелната етничка и религиска карта во светот, претсавувајќи го односот на новите и стари малцинства. Анализирањето на миграциските процеси, дава една целовита слика од случувањата и движењата на населението во светот, нивното мешање, воспоставувањето на комплексни односи помеѓу нив, настанување на нови и мешање на старите етнички, културни, јазични, верски заедници итн., за да се стекне увид во процесот на создавање на мултиетнички, мултиконфесионални општества, како и начинот на којшто тие функционираат. Анализирајќи ги одделно контекстите на овие мулти-држави, одблизу во докторскиот труд се претставени моделите што тие ги користат за реализација на религиското образование. Од анализата воочена е потребата од нов концепт на секуларизам кој се одразува во мултикултурни и
мултирелигиозни општества, концепт каде што поделбата меѓу државата и црквата овозможува религијата да влијае не само на приватниот живот, но, исто така, и на јавниот живот. Религијата не е само приватна работа, но , исто така, влијае на јавната дебата. Од овде произлегува и потребата од еден нов вид на демократија: плуралната демократија, која не би се базирала на премолчена културна сличност, туку на признавање, отворање и прифаќање на идејата на различноста. Главните предизвици за современите демократии во Европа се да се признаат и да се вклучат културните разлики. Толеранцијата и почитувањето на секоја религија е почетна точка за ова. Образованието и медиумите ја играат можеби и најважната улога во обликувањето на перцепциите за религијата.
Со оглед на сложеноста на самата тема, докторскиот труд дава осврт и на дилемите околу моделот и реализацијата на религиското образование, третирајќи можеби еден поширок дидактичко-методички проблем, тргнувајќи од воведувањето на религиското образование низ една историска призма, разликите помеѓу религиското образование во училиштата и надвор од него, видовите на религиско образование, просторот на религиското образование во курикулумот, неговата релевантност со наставната програма, со современите проблеми во плуралистичките општества, релевантноста на религиското образование за поединецот-ученикот, знаења, вештини, вредности кои треба да се развијат преку програмата на религиското образование, условите и средината за реализирање на наставната програма по религиското образование, наставните стратегии и ресурси кои можат да се користат при неговата реализација, како и тоа кои се реализатори на наставата и каква стручна оспособеност поседуваат тие. Пристапувајќи кон една поопсежна анализа на етничкиот состав, општествено-политчкиот контекст и начинот на кој се вовело и реализира религиското образование со сите негови позитивни па и негативни последици во земјите од: новиот свет (Австралија, Нов Зеланд, Канада, САД), европските земји ( Белгија, Франција, Холандија, Германија, Унгарија, Швајцарија, Велика Британија, Естонија), балканските земји ( Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Србија) и Република Македонија.
Трудот придонесува да се воочат постоечките модели и нивните предности и слабости, како и согледување на сопствените грешки во однос на актуелизирањето, прифаќањето, адптирањето и реализирањето на религиското образование на наши услови. Овој труд предочува како Македонија за нејзини услови и стандарди да избере еден од подобрите модели за религиско образование, во време кога македонското општество е поделено етнички, културно, конфесионално.
Клучни зборови: религиско образование, мултиетничност, мултиконфесионалност, мултикултурализам, плурална демократија, толеранција, политики на интегрирање.

Item Type: Thesis (PhD)
Subjects: Social Sciences > Sociology
Divisions: Faculty of Educational Science
Depositing User: Daniela Koceva
Date Deposited: 12 Feb 2015 09:29
Last Modified: 12 Feb 2015 09:29
URI: https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/12641

Actions (login required)

View Item View Item