Странските инвеститори ќе и‘ достават на Владата на РМ препораки за приоритетите во економските политики, за да се поттикнат инвестициите. Веќе се отвораат специјализирани студии, заради добивање квалификувани работници.
Советот на странски инвеститори во Македонија, стручно и советодавно тело при Стопанската комора на Македонија, кое ги одразува интересите и ставовите на околу 110 компании со целосен, или делумен странски капитал, кои имаат работат во државата и инвестираат во отворање нови, или проширување на своите постојни бизниси, во текот на јануари во 2015 година ќе ја објави својата таканаречена „Бела книга“. Во обемниот работен документ за првпат „странските инвеститори ќе укажат на предизвиците во правниот систем на земјата“, со конкретни препораки „за сетот на приоритети во економската политика, онака како што гледаат на тоа странските инвеститори, заради подобрување на бизнис климата, привлекување нови странски компании и со цел да се динамизираат нивните инвестиции“. Заради подготвување на оваа „Бела книга“, на која се работи уште од 2013 година, Советот на странски инвеститори им имаше доставено на своите членки-компании прашалник со 21 прашања, за да ги искажат своите погледи и сугестии околу стабилноста на макроекономската политика, состојбата со даночниот систем, инфраструктурата и редица други области и предуслови, кои се потребни за привлекување на странскиот бизнис во Македонија.
Едно од прашањата е: „Дали Македонија има доволно понуда на тренирана и искусна работна сила, како и на луѓе со менаџерски таленти, или се чувствува недостиг на таква работна сила во клучните области“?
Странските компании и македонските факултети заеднички „кројат“ специјализирани наставни програми
Токму прашањето на вистински едуцирана работна сила, со специјализирани знаења и професионални вештини, е едно од најпотребните предуслови, покрај другите, за одвивање на бизнисите на странските инвеститори во Македонија. Во врска со ова побаравме став од Министерството за економија, но не добивме одговори на нашите прашања. Во едно интервју дадено за државната информативна агенција МИА во јули годинава министерот за странски инвестиции Горан Мицковски истакна дека „Владата на Македонија нуди многу добри услови за бизнис во повеќе сектори, со цел да се привлечат колку е можно повеќе странски инвестции: одличен даночен пакет, квалификувана работна сила и ниски трошоци за бизнис“.
Се чини дека некои од странските компании имаат поинакво мислење во врска со квалификуваноста и обученоста на домашната работна сила, па затоа не мал број од тие компании за своите потреби, особено од минатата година и во оваа 2014 година, започнаа заеднички со македонските факултети и универзитети да креираат студиски и наставни програми за едуцирање кадар кој ќе им биде директно ним потребен за нивните производствени и други работни процеси. „Џонсон Мети“, „Дрекслермаер“, „Џонсон контролс“ и „Ацелормитал“ се само дел од странските компании, кои веќе имаат креирано, или се во постапка на создавање специјализирани високошколски студиски програми заедно со македонските технички факултети. На Машинскиот и Технолошко-металургискиот факултет, на Факултетот за компјутерско инженерство и информатичка технологија, како и на одделни други технички факултети при Универзитетот „Светите Кирил и Методиј“ во Скопје веќе се изведуваат современи студиски програми од областа на електроенергетиката, компјутерското системско инженерство, автоматиката и роботиката, компјутерските технологии и хардверското инженерство и електроника, потоа од областа на електроенергетските системи и обновливите извори на енергија, автоматизацијата и менаџментот, па дури и нешто што е најнов тренд во науката и бизнис-праксата во светот: инженерство на материјали и нанотехнологии.
Се креираат студиски и наставни програми за едуцирање кадар кој ќе им биде директно потребен на странските компании за нивните работни процеси
Во изведувањето на наставата за подготвување вака образувани инженери и други стручњаци за потребите на странските компании учествуваат не само универзитетските професори, туку и стручњаци од самите компании. Забележливо е дека на овие студии се запишани повеќе стотици студенти со тенденција на пораст на интересот за запишување на тие наставни програми, од една единствена причина: многу поголемите шанси да се добие работно место со соодветна плата во странските фирми.
„Многу се попотребни инженери за во производството, отколку правници и економисти“
Што велат експертите? Мимоза Серафимова, експерт за економија од Факултетот за бизнис-логистика на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, истакнува: „Брзата промена на техничко - технолошките перформанси на производните процеси бараат нивно постојано едукативно следење како услов за погодност или компетентност на работната сила. Според тоа, не може да стане збор дека високообразуваните лица во Македонија се погодни и прифатливи за странските компании, затоа што мина периодот кога дипломата значеше гаранција за стручноста во текот на целата професионална активност на вработените. Веќе заживеа трендот на потреби од области со тесна специјализираност на применливи знаења. Многубројните студиски насоки на факултетите се начин да се реализираат тие потреби. Нивно подобрување може да се постигне низ ефективна комуникација и вклученост на големите странски инвеститори при планирање, или дополнување на студиските програми за развивање конкретни стручни компетенции.“
Неџби Весели, експерт за човечки ресурси и економија од Факултетот за бизнис и економија на Штуловиот универзитет во Тетово, е категоричен:
„Факултетите, кои се отвораат безмалку во секој град не произведуваат кадри кои кореспондираат со потребите на пазарот на трудот. Кога се работи за општествените науки, Македонија има доволно дипломирани вискообразувани лица, но кога станува збор за определени специјалности кои се ретки во земјата се чувствува недостиг на кадри со специјализирани знаења и вештини, особено за потребите на странските компании. Потребна е многу поголема соработка на образовните институции и сите други релевантни институции во Македонија со меѓународните компании, кои имат интерес да инвестираат кај нас.“
Професорката Серафимова се надоврзува: „Потребно е час поскоро средните училишта и универзитетите да соработуваат на полето на стратегиско планирање на потребите на пазарот на труд со локалната заедница, заради реално познавање на можностите и утврдување на потребите, но и да склучуваат договори со странски компании за подготовка на кадри, кои подоцна би се вработиле кај нив, со што плански ќе се намалува невработеноста. Преквалификациите и доквалификациите организирани во рамките на формално-образовните институции би биле чекор напред кон едуцираноста и квалификуваноста на работната сила во Македонија, видена од аспект на потребите на странските компании - инвеститори.“
Укажувања дека на Македонија не и‘ се потребни само економисти, правници и слични кадри од општествените науки, туку многу повеќе инженери за во производството и специјализирани стручњаци за други области, доаѓаат и од македонско – норвешкиот конзорциум „НОРМАК“, составен од една македонска и две норвешки државни компании, кој управува со слободната економска зона кај Тетово. Три компании веќе имаат склучено договори за влез со свој капитал и за градба на фабрики во неа. Арбен Халили, извршниот директор на „Нормак“ за Дојче веле објаснува:
„Тетово е град со два универзитета, но не чувствуваме толкава потреба за толку економисти, правници и други слични кадри, кои се продуцираат таму. Многу попотребен ќе биде стручен кадар за компаниите, кои ќе инвестираат во зоната, главно инженери за производствените дејности во погоните. Ќе биде потребна дополнителна обука на постојните едуцирани лица. ’Нормак’ ќе оформи свој центар за таква дополнителна обука и за специјализација на знаењата на лицата, кои ќе се вработуваат во компаниите – инвеститори во зоната. За оваа цел ќе соработуваме со домашните образовни институции. Ние ќе бидеме еден вид ’мост“ меѓу потребите на странските компании и работната сила. Како и сите други сериозни фирми, странските инвеститори во тетовската економска зона, несомнено, имаат сопствени деловни политики, во рамки на кои самите ќе испраќаат барем дел од главниот кадар за нивните потреби на интерни дообуки и специјализации во матичните земји“.
Се‘ на се‘, факт е дека Македонија во своите настојувања да се претставува како земја со поволна бизнис-клима и за привлекување многу повеќе странски инвестиции е потребно да се промовира и како држава со вистински квалификувана и добро обучена работна сила. Само по себе тоа ќе може да даде значителен придонес и кон намалувањето на невработеноста.