Прекрасна музика за глас, виолончело и пијано

 

Тина Иванова

 

Тројца македонски музички уметници, во вторникот вечерта во преполниот Музеј на град Скопје, приредија прекрасен и несекојдневен концерт. Сопранот Гонца Богоромова, виолончелистот Паскал Краповски и пијанистката Милица Шкариќ, ја воодушевија публиката со своите изведувачки способности, со својата музикалност и софистицираност, со нова, свежа програмска концепција, односно вкусно одбрана програма со ретко изведувани дела на македонска сцена. Концертот на тројцата уметници насловен „Музика за глас, виолончело и пијано“, донесе навистина интересен и креативен музички колаж, нов уметнички сензибилитет и поинаков пристап кон материјата која што ја претставија. Затоа и долгите аплаузи и овации на крајот беа очекувани.

Она што, пред се, го привлече вниманието уште на самиот почеток, беше гласот на извонредната Гонца Богоромова. Оваа наша певица е навидум едноставна и искрена, во однос на уметничкиот лик, поседува убав, чист глас, прекрасна боја и музикалност. Но, таа однатре зрачи со силна харизматичност и емотивен набој, во нејзиниот вокал се очитува длабока и искрена посветеност кон она што го изнесува на виделина. Се разбира, импресиите кон Богоромова не го намалуваат добриот впечаток ниту за останатите двајца наши познати и признати музички уметници, виолончелистот Краповски и пијанистката Шкариќ, но таа, и во однос на претставените дела, беше во фокусот на вниманието.

Концертот, кој се одржа во рамките на циклусот „Про Музика“ и во организација на Музичките уметници на Македонија, почна со делото „Auf dem Strom“ на австрискиот романтичар Франц Шуберт. Ова дело всушност, го навести целокупниот креативен израз на тројцата уметници кој беше присутен до самиот крај. А, тој е: лежерност и леснотија во изведбата, спонтано водење на мелодијата без непотребна драматика или орнаментика со цел да се создадат ефекти само поради ефекти, течност на музичката мисла... Ова наше македонско Трио кое самото по себе, барем кај нас, е ретко во однос на инструменталниот состав, носи навистина еден поинаков поглед кон музичките предизвици. А, Шуберт, очигледно целосно соодветствува на нивниот сензибилитет, зашто ова негово дело не е изнасилено, поседува едноставна мелодичност и како да е создадено во еден здив на импровизација, така како што во еден здив помина и целиот концерт.

Следуваа две композиции, кај нас ретко изведувани, од мошне интересниот американско-германски современ композитор, диригент и пијанист, Андре Превин - првата „Vocalise“,и втората „Songs“ од неговите „Четири песни“, во овој случај изведени само трите: „Mercy“, „Shelter“ и „The Lacemaker“, без постоечката „Stones“, а напишани на текст од познатата писателка Тони Морисон. Песните за сопран, виолончело и пијано донесоа свежина, не затоа што ретко ги слушаме, туку затоа што се создадени во времето кое што го живееме, во средината на 90-тите, поседуваат еден мултимедијален израз, а поради интересната текстуална подлога даваат своевидна визуелизација. Андре Превин, кој покрај класичната музика се занимава и со пишување на филмска музика, инволвиран е и во светот на џезот, му дава предност на колоритот, наспроти техничките бравурози, а поседува и врвна умешност поезијата да ја преточи во звук кој ќе „зборува“ со јазикот на нотите. Благодарејќи на одличната изведба на Богоромова, Краповски и Шкариќ, се создаде токму таква атмосфера - филмска.

Следуваше, барем за нас, најинтересното дело таа вечер, а очекувано, беше наградено и со најсилен аплауз и извици на браво - „Надеж“, циклус песни за сопран и виолончело од младиот, но веќе афирмиран наш композитор, Дамјан Темков. На текст од извонредниот Блаже Конески, делото се состои од три песни - „Ружа“, „Служба“ и „Песна“, кои се обединети во една целина. Пленеше музичкиот дијалог меѓу сопранистката Богоромова и виолончелистот Краповски, тие дишеа во еден здив во текот на целата изведба. Ова е едно од најдобрите дела на Темков, кое воодушевува во постепениот развој на мелодијата за да „загрми“ во кулминацијата, а импресионира и поради навистина суптилната и јасна, разговетна коресподенција меѓу поезијата и звукот. Овациите на крајот беа и за композиторот, и за музичките уметници кои, веројатно и поради идентичниот културен багаж со авторот, ова дело, се чини, го претставија во неговата најдобра светлина.

Крајот, со изведбата на „Dream with me“ за глас, виолончело и пијано, на американскиот композитор Леонард Бернштајн, беше вкусно заокружување на целосната програма, бидејќи ова дело наметна и една поинаква театралност и атрактивност, која очигледно им се допадна на сите.

Се надеваме дека ова Трио ќе донесе во иднина уште многу интересни концертни мигови. Она што, можеби и природно се очекува, е да ја видиме и чуеме сопранистката Гонца Богоромова и на оперската сцена. Бидејќи, иако таа постојано не воодушевува на нејзините солистички, камерни настапи, без сомнение нејзиното присуство и на сцената на нашата оперска куќа ќе донесе, за неа, но и за публиката, различен и се разбира, квалитетен уметнички пристап.

 

 

 

 

 

Препорачуваме...

Концерти


 

 

 

 

Showcases

Background Image

Header Color

:

Content Color

: