Меѓународни организации и интеграции

Kocovski, Mitko (2013) Меѓународни организации и интеграции. In: Меѓународни организации и интеграции. Универзитет „Гоце Делчев" - Штип.

[thumbnail of МЕЃУНАРОДНИ ОРГАНИЗАЦИИ И ИНТЕГРАЦИИ МИТКО КОЧОСКИ.pdf]
Preview
Text
МЕЃУНАРОДНИ ОРГАНИЗАЦИИ И ИНТЕГРАЦИИ МИТКО КОЧОСКИ.pdf

Download (4MB) | Preview

Abstract

Трудот „Меѓународни организации и интеграции“ ја опфаќа наставната материја за истоимениот предмет што се изучува во четвртата студиска година на Економскиот факултет при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, на насоката Меѓународна економија.
Фокусиран на еден значаен сегмент на науката за меѓународните односи кој се занимава со политичките, трговските и со финансиските односи меѓу државите, а поттикнат од нивниот нагласен динамизам во актуелниов момент, тој има за цел да понуди и едно ново видување на меѓународната соработка, нејзината организираност и институционализираност, како и да ги посочи повлијателните чинители врз динамиката на нејзиниот развој.
Меѓународните организации и интеграции се значи исклучително значаен сегмент на науката за меѓународните односи, кој се занимава со односите меѓу одделните држави (иако во денешнава глобална констелација дефинитивно е јасно дека државите не се и не можат да бидат единствените актери и учесници во меѓународните односи), настојувајќи да понудат подобри, пофункционални и поефикасни инструменти и механизми за регулирање на односите меѓу нивните резиденти (граѓани), институции, односно нивните економии, што упатува на заклучок дека во проучувањето на нивната феноменологија треба да се навлезе токму во сферата на меѓународните односи. Притоа, поширокото поимање на меѓународните односи упатува на односите што се воспоставуваат помеѓу државите, политичките движења, политичките, економските, невладините, културните и другите организации и поединци, додека меѓународните односи во потесна смисла ги подразбираат политичките и другите односи што ги воспоставуваат државите на билатерална и мултилатерална основа, како и во рамките на меѓународните организации.
Токму поради тие неопходни поимни разграничувања, вниманието ќе биде фокусирано посебно на теоријата на меѓународната интеграција, што ќе овозможи да се направи јасна дистинкција со феномените како што се суверенитетот и територијалниот интегритет, потоа феноменот на меѓузависноста, на влијателните чинители во меѓународните односи и на потребите од примена на различни трговски стратегии и режими.
При поимното дефинирање на меѓународното интегрирање како процес во кој пристапувањето кон одредените меѓународни институции значи поместување на суверенитетот од државно ниво кон регионалните т.е глобалните структури, ќе се направи обид да се допре до одговорите што се крие зад заедништвото - интеграцијата, дали се тоа економските или политичките интереси, дали економските интеграции автоматски подразбираат и политички, или пак економските ги иницираат политичките, или пак обратно, дали политичките интеграции отвораат простори и за економско поврзување, користејќи ги познатите теории на економската интеграција (реалистичката, реформистичката со познатите функционалистички и неофункционалистички гледања и радикалистичката).
10
Примената на современите научнотехнолошки решенија во производството наложува ангажирање на сé пообилни и поразновидни фактори на производството, при едновремена потреба од експандирачки пазар за производите и услугите, при што процесите на меѓународното поврзување (и регионалните економски интеграции) се всушност резултат на овие движења. Клучен развоен чинител на овие процеси претставува слободната трговија, која со вршењето на посредничката функција меѓу производството и потрошувачката врши усогласување на просторните, временските, квантитативните и квалитативните разлики меѓу понудата и побарувачката. Придонесувајќи за ширењето на пазарот и за создавањето дополнителни можности за развој на производството, таа овозможува подобро позиционирање на државите во размената за максимирање на економските ефекти и за минимизирање на нивната ранливост, која може да произлезе од нивната зависност од другите земји во меѓународната размена, заради што ќе биде од особено значење разјаснувањето на поимите поврзани со трговските стратегии и режими.
Притоа економската димензија на организирањето и на интегрирањето на земјите, како носители на тие процеси во меѓународни рамки, ќе биде основното гледиште, кое ќе биде проширено со важните историски, политички, правни и други релевантни аспекти.
Значи, предмет на изучувања на наставната материја ќе бидат меѓународните организации и интеграции, меѓународната соработка, феноменот што има своја долга историја, но кој станува особено силно присутен во актуелниов момент, феноменот на нагласениот пораст на транснационалните и меѓународно широко распространетите економски, општествени и културни интеракции што ги поминуваат државните граници, првенствено како резултат на примената на новите информатички и технолошки решенија.
Комплексноста на состојбите во меѓународните односи, нивната меѓузависност и потребата од развој на соработката првенствено на економски план, предизвиците и противречностите на тој пат и импликациите за земјите учеснички во тие процеси ќе наложат специфичен пристап, кој вниманието го насочува кон феноменот на интегрирањето, меѓузависноста и поврзаноста и организирањето, со осврт на институционалните решенија и форми на кои тоа почива, како и на историско-политичкиот контекст во кој тоа се одвива, оставајќи со другите аспекти на меѓународните економски односи да се занимаваат другите научни дисциплини што исто така се изучуваат во текот на студиите.
Сметам за потребно да истакнам дека издавањето на трудот е неминовно и заради заокружување на материјата со настаните од поново време, но, уште повеќе од тоа и заради објаснување на каузалитетот на настаните, институционалните промени и реформи и развојот на економските и на политичките односи на меѓународната сцена.
Поради ограниченоста на наставната материја на само еден семестар, изборот на темите ќе се фокусира на најзначајните аспекти и содржини на меѓународните организации и интеграции. Притоа процесите на меѓународното организирање и интегрирање ќе бидат разгледувани низ призмата на глобалниот систем на меѓународните односи, заради што токму феноменот на нивната глобализираност ќе претставува вовед во оваа податлива за изучување
11
и економски и политички исклучително актуелна проблематика. Институционализацијата на меѓународните односи како повисок степен на регулирање на односите меѓу државите со кој се обезбедува превенирање на можните попречувања, оневозможувања или на друг начин доведувања во прашање на меѓусебната соработка на државите ќе биде следниот значаен аспект на материјата поврзана со меѓународните организации и интеграции.
Глобализацијата ќе биде разгледана како планетарен процес и како нов феномен во меѓународните односи, но и како основна карактеристика на современите меѓународни економски односи, од причина што концептите базирани на самоизолација, автаркија и на протекционизам воопшто не кореспондираат со современите тенденции на развој на односите на поширок глобален план и таму каде што се присутни дефинитивно се само изнудени политички решенија од привремен карактер, а и регулирањето на односите на билатерални основи е со ограничени можности на дејствување.
Ќе следува делот што се однесува на Организацијата на Обединетите нации како најзначаен експонент на напорите на светската заедница за унапредување на меѓународната соработка за решавање на проблемите од економски, социјален, културен и хуманитарен карактер како и на позначајните меѓународни финансиски институции т.е. на онаа нивна димензија поврзана со процесите на меѓународното организирање, интегративните процеси и на развојот на трговијата.
Меѓународната трговска регулатива ќе претставува наредно поглавје, кое ќе биде фокусирано на регулирањето на трговските односи во размената, односно на меѓународната размена како определувачки услов за развојот на секоја национална, па и на меѓународната економија воопшто.
Облиците на меѓународното економско интегрирање ќе претставуваат посебна тема, на која ќе се надоврзат прашањата поврзани со историјата на интегративните процеси на европскиот континент, институционалната структурираност на Европската Унија, нејзините политики и начини на функционирање, значи една целосна ретроспектива на процесите на големото европско обединување од Римските договори до меѓувладината конференција во Лисабон. Евроинтегративниот процес како долгорочен стратегиски интерес и приоритетна политичка цел на Република Македонија ќе биде завршната тема на материјата поврзана со меѓународните организации и интеграции.
Материјата е исклучително комплексна и подложна на дневни промени и нови процеси со сериозни импликации на натамошниот тек на случувањата. Оттаму, нема учебник или друг вид учебно помагало што може да ги предвиди сите нив и да даде целосна заокруженост на наставната материја. Оваа материја и дефинитивно не може за долго да претставува тематски и содржајно актуелно четиво. Од тие причини, за студентите ова треба да претставува само појдовен материјал и силен предизвик за вклучување во дневното следење на настаните и во проникнувањето во нивната суштина. Тоа е всушност нешто што нив и лично најдиректно ќе ги засега како генерација што ќе биде современик на тие динамични случувања на светската економска и политичка сцена.
12
Предавањата ги замислив како малку поинаков начин на комуникација со моите студенти.
Долго ме измачуваше изборот на вистинскиот начин на приближувањето на материјата за меѓународните организации и интеграции, а притоа да не се загубам во лавиринтите на нивната фактографија и институционална структурираност, но и да останам доследен на мојата лична заложба за примарноста на објаснувањето на каузалитетот на настаните и на појавите поврзани со насловните содржини.
Во пристапот кон насловната материја ќе бидат поставувани многу едноставни прашања, кои не само како на студенти туку и како на обични луѓе ни ги наметнува актуелната ситуација во светот чии сме современици и ќе бидат направени обиди да се проникне во суштината на проблемите, во нивната историска генеза, во нивниот актуелен економско-политички контекст, зад кои во крајна линија стојат интереси, и тоа најчесто економски, често непрепознатливи на прв поглед, но со длабока и стратегиска заднина.
Значи, во животот нема ништо случајно. Зад секој историски настан, па и зад секој облик на меѓународна соработка и организирање секогаш има причина, во која не може секогаш лесно да се проникне, но во чија основа се секогаш интереси, и тоа првенствено економски интереси.
Тоа е основното што сакам тие да го разберат.
Наставната материја поради карактерот на проблематиката е обременета со многу поими, многу институции и други облици на меѓународна соработка, многу историски настани и факти. Тоа е нешто што ќе мора да се научи за испитот, но е и нешто, за што сум длабоко свесен, што брзо ќе падне во сенката на заборавот.
Но да се допре до вистинските причини на настаните и на појавите и до вистинските интереси кои стојат зад тие датуми, случувања, организации и институции е нешто на што постојано ќе инсистирам. Притоа обемната литература на која ќе ги упатам многу ќе им помогне во нивните напори.
Тоа ќе бидат одговори и на многу прашања и дилеми со кои ќе се среќаваат и во натамошниот тек на студиите, па и понатаму во животот.
Ги уверувам дека еден ден ќе разберат дека многу сум бил во право.

Item Type: Book Section
Subjects: Social Sciences > Economics and business
Divisions: Faculty of Economics
Depositing User: Mitko Kocovski
Date Deposited: 02 Jul 2014 14:07
Last Modified: 02 Jul 2014 14:07
URI: https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/10249

Actions (login required)

View Item View Item