Сиромаштија, нееднаквост и квалитет на живот во Република Македонија

Lazarov, Darko (2009) Сиромаштија, нееднаквост и квалитет на живот во Република Македонија. Masters thesis, Универзитет „Св. Кирил и Методи" - Скопје.

[thumbnail of Siromashtija, neednakvost i kvalitet na ziveenje vo R.M.pdf]
Preview
Text
Siromashtija, neednakvost i kvalitet na ziveenje vo R.M.pdf

Download (1MB) | Preview

Abstract

Основна цел и предмет на теоријата на економскиот развој е поврзана со прашањето за зголемување на квалитетот на живот на луѓето. Текот на времето го изместил предметот на истражување на оваа научна дисциплина од луѓето кон производството. Се поголемо значење се придавало како да се зголеми производстото, без притоа да се води поголема грижа за квалитетот на живот на луѓето. Појавата на концептот на човековиот развој ја променил ваквата тендеција со посветување на поголемо внимание на човекот, животниот стандард и квалитетот на неговиот живот. Економскиот раст е значаен, и секоја економија се стреми кон остварување на поголем економски раст, односно зголемување на производството. Меѓутоа, економскиот раст не преставува цел сама за себе. Не постои автоматска врска помеѓу економскиот раст и човековиот развој. Една економија може да бележи пораст на доходот, но тоа не преставува гаранција дека во исто време ќе се зголемува нивото на човековиот развој.
Човековиот развој се дефинира како процес на проширување на човековиот избор, во поглед на можностите човекот да води долг и здрав живот, да биде добро образован и да има пристоен животен стандард.
Концепти кои имаат посебно значење за теоријата на развојот се: квалитет на живот, благосостојба и животен стандард. Квалитетот на живот се однесува на благосостојбата на луѓето. Тој опфаќа повеќе компоненти, меѓу кои едни се мерливи, како на пример - животниот стандард, а други се немерливи, како на пример - среќата, слободата во изборот, здравјето, животната средина, слободното време, сигурноста, образованието, општествениот живот, итн.
Сиромаштијата преставува еден од најзначаните развојни проблеми, тој е тесно поврзан со квалитетот на живот на луѓето. Сиромаштијата е проблем со кој се соочуваат многу економии во светот, а посебно помалку развиените земји и постранзиционите земји, како што е Република Македонија.
Актуелноста на темата произлегува од се поголемото внимание кое му се посветува на човековиот развој во развојната економија, но уште повеќе од проблемот на сиромаштија и квалитет на живот со кои се соочува Република Македонија. Република Македонија е ставена пред предизвикот како да оствари економски раст, но во исто време, да ја намали сиромаштијата и да го зголеми квалитетот на живот на Македонските граѓани.
Основните работни хипотези при изработка на овој труд се однесува на следново:
- Концептот на човековиот развој преставува еден од најважните концепти во развојната економија. Тој оди чекор напред од економскиот развој, бидејќи се базира на зголемување на благосостојбата и квалитетот на живот на луѓето како крајна цел на секоја економија.
- Економскиот раст не гаратира високо ниво на човеков развој. Во тој правец, секоја економија треба да настојува економскиот раст да го трансформира во повисоко ниво на човеков развој.
- Крајна цел на секоја економија е намалување на сиромаштијата како најтежок проблем со кој се соочува развојната економија и создавање на услови за зголемување на квалитетот на живот и остварување поголем животен стандард на луѓето.
- Република Македонија е земја која се соочува со релативно висока стапка на сиромаштија и низок животен стандард. Националната стратегија за намалување на сиромаштијата треба да овозможи конкретни мерки и активности за решавање на овој проблем. Економскиот раст проследен со поголема партиципација на луѓето преку вработување со сите индикатори кои го чинат човековиот развој вклучувајќи го животниот стандард и квалитетот на живот треба да одговорат на предизвикот пред кој е соочена нашата земја во иднина.
Основна цел на овој магистерски труд е да се истакне важноста на концептот на човековиот развој во развојната економија вклучувајќи ги концептите поврзани со човековиот развој како што се животниот стандард и квалитетот на живот. Во таа насока како главна цел на овој труд е да се предложат конкретни мерки и активности за намалување на сиромаштијата и подобрување на квалитетот на живот во Република Македонија.
Во насока на ова, предметот на истражувањето е насочено кон разработка на теоретските аспекти на оваа развојна дисциплина. Поврзаноста на економскиот раст со човековиот развој и начинот на кој економскиот раст може да се трансформира во повисоко ниво на човеков развој што воедно преставува и поголема благосостојба на луѓето како крајна цел на економијата.
Методолошкиот приод на истражувањето во овој труд треба да резултира во теоретски и практични сознанија кои ќе овозможат подобро разбирање на концептот на човековиот развој, квалитетот на живот, сиромаштија и нееднаквоста во дистрибуцијата на доходот. Во исто време, истражувањето треба да резултира во конкретни мерки и активности за намалување на сиромаштијата и подобрување на квалитетот на живот во Република Македонија.
За таа цел, при изработка на овој труд ќе бидат користени повеќе научни методи како што се квантитативниот метод, статистичка анализа, индуктивно-дедуктивниот метод и студија на случај методот на Република Македонија.
За поголема прегледност на материјалот што ќе биде елабориран во овој магистерски труд, податоците ќе бидат презентирани во табели и графикони, а текстот ќе биде илустриран со слики и шематски прикази.

Item Type: Thesis (Masters)
Subjects: Social Sciences > Economics and business
Divisions: Faculty of Economics
Depositing User: Darko Lazarov
Date Deposited: 25 Jun 2014 10:00
Last Modified: 21 Oct 2014 13:46
URI: https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/10195

Actions (login required)

View Item View Item