Вечерва,24 јуни, четврток, на програмата на 42. издание на манифестацијата „Скопско лето“ ќе се одржат два концерта во Музејот на македонската борба.
Првиот концерт, со почеток во 20 часот, насловен „Моцарт и кларинетот“ ќе биде изведен од страна на Бранко Павловски – кларинет, co ансамблoт на „ПОЛИФОНИЈА” кој се состои од Јулија Хагер – пијано (Германија), Сања Шуплевска – виолина, Станислава Алаѓозовски – виолина (Србија), Сашка Стојановиќ – Крстиќ – виола (Србија) и Кирил Калмиков – виолончело (Канада).
Изведувачи на вториот концерт, кој ќе биде со почеток во 21 часот, се дуото „ХАГЕР – КАЛМИКОВ“, кое се состои од Јулија Хагер – пијано (Германија) и Кирил Калмиков – виолончело (Канада). Концертот е во соработка со уметничкиот центар „ПОЛИФОНИЈА“.
Концертите ќе се одржат согласно протоколите за одржување на настани и во продажба ќе бидат пуштени ограничен број на влезници по цена од 200 денари. Картите може да се купат online на karti.com.mk.
БРАНКО ПАВЛОВСКИ е македонски кларинетист со богата интернационална кариера и реноме. Во моментов тој е редовен професор на Факултетот за музичка уметност на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Македонија. Павловски докторирал на Факултетот за музичка уметност на Државниот универзитет на Луизијана во Батон Руж, САД, во класата на Роберт Дилутис, каде работел како асистент по кларинет сѐ до 2011 година. Претходно во својата педагошка дејност работел како наставник по кларинет во ДМБУЦ „И. Николовски – Луј“, Скопје. Павловски прв пат се запознава со кларинетот како инструмент и првите чекори во музичката уметност ги прави со помош на проф. Љупчо Тренчевски. Средно музичко образование завршил во ДМБУЦ „И. Николовски – Луј“ во Скопје. Дипломирал и магистрирал на УКИМ Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Иван Кочаров. Се усовршувал на постдипломски студии на Државната музичка академија во Софија во класата на Петко Радев, на Академијата за музички уметности во Прага во класата на Штјепан Коутњик, Националниот Конзерваториум во Версај во класата на Филип Купер, Националниот Конзерваториум во Авре – Париз во класата на Доминик Видал. Во текот на своето образование Павловски својот музички профил го надоградува учествувајќи на семинари и мајсторски класови кај еминентни кларинетисти како: В. Блејни, Г. Данген, Д. Прескот, А. Хакер, Д. Кембел, М. Увајт, Ј. Пајц, В. Сејфарт, К. Лајстер, Р. Мекдауел, Л. Лудевиг–Вердер, Ч. Буроу, В. Мареш. Како солист и камерен музичар Павловски настапувал во САД, Франција, Англија, Германија, Чешка, Полска, Унгарија, Италија, Бугарија, Грција, Хрватска, Србија и Македонија. Тој работел во Воениот Оркестар на АРМ, Батон Руж Симфонискиот Оркестар, а исто така соработувал со Акадиана Симфонискиот Оркестар, Опера Луизиана, Прага Моцарт Оркестарот, Ансамблот за Современа Музика на Националнот Конзерваториумот во Версај, Македонската Филхармонија, ФЕИМС Оркестарот, Скопски Солисти, ЛСУ Симфонискиот Оркестар, ЛСУ Дувачкиот Ансамбл и др. Настапувал на повеќе фестивали во земјата и странство. Како промотор на современата музика Павловски премиерно има изведено повеќе нови дела за кларинет. Павловски е добитник на наградата Златна Лира за врвни уметнички достигнувања, Музичката награда на Луизијана, наградата „26 јули“ од Франк Манинг од Лондон за најдобар студент на Факултетот за музичка уметност во текот на учебната 1997/98 година, и пофалница по повод 50-годишниот јубилеј на УКИМ како признание за постигнат најдобар успех за време на студиите, како и наградата „8 Октомври“ за постигнати значајни резултати од областа на културата и музичката уметност. Исто така, Павловски е лауреат на повеќе државни и меѓународни натпревари по музика и има добиено повеќе награди и признанија меѓу кои се издвојуваат: четири први награди на државните натпревари во Македонија, втора и трета награда на сојузните натпревари во поранешна Југославија, прва награда на МТНА натреварот по камерна музика во Хемонд, САД.
Уметничкиот центар Полифонија од Скопје е организација која функционира и работи во сферите на културно-уметничките настани од 2003 година до денес, преземајќи значајна улога во реализацијата на бројни видови локални и меѓународни проекти, често поддржани од Министерството за култура на РС Македонија. Меѓу главните активности се менаџирање на солисти и ансамбли (ИН МЕДИАС РЕС, Skopje Ladies, детското драмско студио во Скопје – ансамбли создадени од ПОЛИФОНИЈА) кои учествуваат на меѓународни и домашни како и проекти во соработка со државни институции во Р.С. Македонија, Европа и Канада. Останатите значајни активности на Полифонија вбројуваат: менаџирање, поддршка и афирмација на македонски уметници, Копродукција со Канадскиот музички центар во Скопје (во соработка со Канадската Амбасада во Белград и музички центри во Калгари и Монтреал), соработка со одделот за образование на Асоцијацијата Детски Свет, Концертни активности одн. платформа за соодветно музичко претставување, организација на континуирани едукативни работилници во областа на музиката, балетските и драмските студии, интерпретација на современа и барокна музика, модерен танц и детски драмски и музички активности и др.
Дуото Хагер-Калмиков е формирано во Канада во 2005 година од пијанистката Jулија Хагер и виолончелистот Кирил Калмиков. Г-ѓа Хагер и г. Калмиков уживаат концертни кариери, посветени на креативност, конципирање на интересни концертни програми, честопати инспирирани од нивната страст кон патување и доживување на светот преку музика. Од своето основање досега дуото настапува со многу светски познати музичари, вклучувајќи ги Колин Кар, Хенк Гитарт, Менахем Преслер и Jан-Пол Севилја, а учествува во резиденции и проекти за камерна музика на Центарот за уметност и креативност „Банф“, Канада. Како добитник на повеќе грантови, за дуото Хагер-Калмиков се напишани и композиции како Сонатата од еминентниот канадски композитор Питер Јанчевич во 2015 година која дуото ја презнетираше на бројни настапи низ Канада и САД. Хагер и Калмиков редовно настапуваат во Северна Америка и Европа, сезоната 2019-2020 вклучува настапи во Португалија, Германија, Полска и Русија. По долги години работа како професори и управители на програмата за посебно талентирани студенти по музика при познатиот Универзитет Mount Royal, во 2018 година, г-ѓа Хагер и г-дин Калмиков се преселуваат во Лисабон, Португалија, продолжувајќи ја нивната работа на меѓународно ниво како изведувачи и професори, а од неодамна, тие се со седиште во Витлеем каде предаваат на Националниот музички конзерваториум Едвард Саид.