Политиката на Соединетите Американски Држави и на Велика Британија спрема Македонија во текот на Втората светска војна

Cepreganov, Todor (2012) Политиката на Соединетите Американски Држави и на Велика Британија спрема Македонија во текот на Втората светска војна. Documentation. Институт за национална историја, Скопје.

[thumbnail of POLITIKATA NA SAD I VELIKA BRITANIJA SPREMA MAKEDONIJA.pdf]
Preview
Text
POLITIKATA NA SAD I VELIKA BRITANIJA SPREMA MAKEDONIJA.pdf

Download (1MB) | Preview

Abstract

Во периодот од Виенската конференција од 1815 година па се до 1989 година (паѓањето на Берлинскиот ѕид) светот, особено Европа, живеел во три политички системи креирани од големите сили. Виенскиот систем завршил со Версајската мировна конференција во 1919 година по завршувањето на Првата светска војна, а Версајскиот со Јалтската мировна конференција, чиј политички систем опстана се до 1989 година. Основните креатори на овие политички системи беа големите сили, кои во историскиот момент на нивното дејствување се сметале за „големи”, влијателни и супериорни сили во меѓусебните односи со другите држави. Во европски рамки тој судир, со мали исклучоци, се одвивал меѓу Велика Британија, Австрија, Австро-Унгарија, Германија, Русија, Франција, а во средината на ЏЏ век започнува постепеното инволвирање на САД (САД).
Втората светска војна и Конференцијата на Јалта претставувале последната политичка распределба на територии меѓу големите сили. На неа главниот збор го имале Велика Британија, САД и Социјалистичкиот Сојуз на Советските Републики (СССР). Меѓу овие три земји се воделе разговори за новата политичка поделба на светот и на Европа. Во меѓусебните распределби на територии ГОЛЕМИТЕ, пред се, биле водени и раководени од своите економски интереси, политички цели, територијални аспирации, не водејќи сметка за интересите на „малите” народи. Интересот на ГОЛЕМИТЕ секогаш бил во преден план. Желбите и „правото” на малите држави било ставено во втор план. На диктатот на ГОЛЕМИТЕ и моќните, морале да се потчинат доброволно или со сила сите оние што не ја прифаќале поделбата или оние што сметале дека се изиграни. Живеењето во или под „системите” на ГОЛЕМИТЕ и моќните е практика којашто е присутна и денес во светот. Втората светска војна е последниот пример којшто покажува како рамнотежата во светот се одржува меѓу ГОЛЕМИТЕ на сметка на помалите и како првите изнаоѓаат модус вивенди за да ја одржат истата супериорност, барајќи начини како да ја продолжат во нови општествено-политички услови.
Македонија, како дел од Европа, отсекогаш во историјата го привлекувала вниманието на ГОЛЕМИТЕ, пред се, поради нејзината стратегиска положба. Во овој контекст посебно внимание заслужува односот на Велика Британија, која уште во времето на Наполеоновите војни покажала заинтересираност за територијата на Македонија. Од година во година таа нејзина заинтересираност станувала се поголема низ историјата, а во ХХ век, веќе дефинираниот интерес дошол во судир со интересите на Австро-Унгарија и Русија, а во текот на Втората светска војна со СССР. Инволвираноста на САД во настаните во Македонија низ историјата, за разлика од британската и советската, била маргинална, но во текот на Втората светска војна таа била во унисон со политиката на Велика Британија во однос на настаните во Македонија и на Балканот. Во текот на Втората светска војна поради Македонија ќе се судрат интересите на трите ГОЛЕМИ сили. На едната страна беа Велика Британија и САД, а на другата СССР. Британскиот, американскиот и советскиот интерес спрема Македонија ќе се судрат во врска со прашањето за иднината на Македонија, односно околу прашањето за обединувањето на Македонија, Македонија како независна и суверена држава, Македонија во рамките на една балканска федерација или конфедерација или словенска федерација. Целиот овој интерес насочен спрема Македонија и нејзината судбина произлегува, пред се, од потребата да се зачуваат главно британските интереси на Балканот, т.е. излезот на Егејското Море и опасноста од загрозување на истите интереси во Турција и пошироко во Средоземјето. Политиката на Велика Британија во чекор ја следеле САД. Тие, во годините на Втората светска војна, не покажувале некој поголем интерес спрема настаните во Македонија, пред се од практични политички причини. По искуството што го имале на европската почва по завршувањето на Првата светска војна и неуспехот на политиката на Вилсон со неговите „Четиринаесет точки”, САД се повлекле во изолационизам, кој во почетокот на Втората светска војна се уште имал свои приврзаници во САД. Во напуштањето на излолационизмот во САД, кој бил една од главните пречки за влегувањето на САД во војната, голема улога одиграл американскиот печат, којшто го мобилизирал јавното мислење околу настојувањето САД да ја напуштат таа политика и директно да се вклучат во борбата против силите на Оската. Меѓу американските историчари се уште се води полемика во однос на јапонскиот напад на Перл Харбор. Едни сметаат дека Рузвелт имал информации за подготовките на нападот на Јапонија врз Перл Харбор, меѓутоа, не ги известил воените експерти во Перл Харбор, со единствена цел — да ги внесе САД во војна со Јапонија „од задна врата”. Сигурно е дека по нападот на Перл Харбор „никој не бил порадосен што САД веќе не се настрана од премиерот Черчил”. Тој, попладнето на 7 декември, му телефонирал на Рузвелт, при што Рузвелт истакнал: „...сега и двајцата сме во истиот брод”, на што Черчил одговорил: „...тоа сигурно ги симплифицира работите”. По Перл Харбор, САД застанале рамо до рамо со Велика Британија во борбата против силите на Оската.
За разлика од САД, британските политички и економски интереси во земјите на југоисточна Европа непосредно пред и по Втората светска војна не можеле да ја остават Велика Британија незаинтересирана за судбината на тој дел од светот. Таа заинтересираност била пренесена на разни институции и центри на политичко планирање. Во нивните секојдневни активности постепено се создавала слика на новите односи, кои морале да кореспондираат со изменетата рамнотежа и активирање на новите политички субјекти. Сето тоа заедно Британија настојувала внимателно да го следи и во одделни моменти да го искористи за остварување на своите стратегиски цели. Меѓутоа, се покажало дека новата реалност и објективното слабеење на британската моќ овозможувале се помалку изгледи за остварување на некогашните или за создавање нови, донекаде урамнотежени позиции наспрема останатите големи партнери. Во тој контекст, непосредно пред и по завршувањето на Втората светска војна, бил поставен и британскиот интерес спрема Македонија, интерес којшто бил дел од значајните политички движења без кои е тешко да се разбере повоениот развој на Балканот и пошироко на југоисточна Европа.
Во изработката на насловената тема, како главни извори ни послужија службените документи што во моментов се достапни во Паблик рикорд офис (Public Record Office), а кои откриваат многу поединости во поглед на британскиот став спрема Македонија. Главниот извор настојувавме да го дополниме со документи од архивите и институтите во САД, Република Македонија, Република Србија, како и од монографии, мемоари, статии и др. од прва рака, британски, американски и советски.

Item Type: Monograph (Documentation)
Subjects: Humanities > History and archaeology
Divisions: Faculty of Educational Science
Depositing User: Todor Cepreganov
Date Deposited: 31 Oct 2013 08:46
Last Modified: 06 Aug 2015 14:22
URI: https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/7853

Actions (login required)

View Item View Item