Реформите во пензискиот систем и пензиските фондови како институционални инвеститори

Atanasova, Svetlana (2011) Реформите во пензискиот систем и пензиските фондови како институционални инвеститори. Masters thesis, University Goce Delcev - Stip.

[img]
Preview
Text
__ugd.edu.mk_private_UserFiles_katerina.hadzivasile_Desktop_економски цд_Svetlana_Atanasovska.pdf

Download (978Kb) | Preview

Abstract

Во овие турбулентни времиња и според развојот на глобалната економија граѓаните на Република Македонија, па и пошироко, со секоја нова реформа се плашат од промени и дека реформите можат да носат некои ризични работи. Со воведувањето на реформите во пензискиот систем, вработените во почетокот имаа сомневања дека со реформите ќе им се намалат основиците за пензии или пак ќе го загубат тоа право. Но во транзициониот период, во преминувањето од општествено управување на капиталот кон пазарна економија во нашата земја, развојот на светската економија имплицираше создавање и потреба од реформи во пензискиот систем и формирањето на инвестиционите фондови беше нужна потреба за да може со сигурност да се исплаќаат пензиите без задоцнувања и колапс на пензискиот фонд. Со формирањето на инвестициските фондови граѓаните на Р. Македонија сè уште немаат доверба во нивно инвестирање. Сепак, инвестициските фондови со своето работење постепено успеваат да ги приберат малите износи на средствата на граѓаните кои вака прибрани преставуваат добар износ за тргување на пазарот на капитал. Сериозната финансиска ситуација во која се најде Фондот на ПИОМ и пензискиот систем во 1993 година, како и постојаниот пад на соодносот помеѓу осигурениците и пензионерите во Македонија ги натера државните служби да бараат алтернативно решение на овој финансиски проблем и конечно да се започне со реформа на постоечкиот пензиски систем. Финансиските институции, како што се Светската банка, Меѓународниот монетарен фонд и други беа заинтересирани да ѝ помогнат на Република Македонија во процесот на реформите во пензискиот систем, бидејќи овој проблем ја руши севкупната рамнотежа на државните финансиски расходи. Најреална помош понуди Светската банка и стави силен притисок врз Р. Македонија и врз другите централноисточни и југоисточни земји (земји во транзиција). Пензиската реформа е една од најзначајните реформи низ кои Република Македонија, како и сите останати земји во транзиција, мора да помине во процесот на економскиот развој. Процесот на реформа на системот на пензиско и инвалидско осигурување, како што е напоменато, започна уште во 1993 година и во периодот до 2000 година, со донесувањето на новиот Закон за ПИО, како и серија негови измени и дополнувања во управувањето со државниот пензиски систем беше воведена политика на растечка рестриктивност. Треба да се има предвид дека рестриктивноста на овие решенија обезбеди ефекти на кус рок од аспект на рамнотежа меѓу приходите и расходите во системот, приливот на нови пензионери и буџетските трансфери кон Фондот на ПИОМ. Решавањето на предизвиците на подолг рок го наметна прашањето за продлабочување на реформата на пензискиот систем во правец на негова постапна приватизација, решение што во голем број на земји со слични економски перформанси се покажа успешно и ефикасно. Како резултат на тоа, пристапот кон реформата на пензискиот систем почнувајќи од 1996 година беше двонасочен: од една страна, продолжија да се реализираат мерките за зајакнување на стабилноста на државниот пензиски систем преку заокружување на таканаречените параметрички реформи, додека од друга страна почнаа активностите за моделирање на нов пензиски систем, чија цел е постигнување на негова долгорочна солвентност. Во анализата на пензиската реформа посебно е опишана основата на постојниот пензиски систем кој е наследен од периодот на социјализмот, промените кои дојдоа со новиот економски систем, како и очекуваните демографски промени за наредните децении. Сите тие промени неминовно наведуваат дека реформата во пензискиот систем е неопходност во која мора да се живее. Кревките транзициски економии тешко дека ќе го издржат товарот на социјалистичките пензии.Во трудот се опишани предусловите за формирање и спроведување на пензиската реформа, како и веќе оформениот нов пензиски систем со своите субјекти кои се јавуваат кај нас и во светот. Исто така, во трудот се презентирани и меѓународните искуства со пензиските реформи и составот на портфолиото на приватните пензиски фондови во странство. На крајот од трудот се презентирани користите од постоењето на инвестициските фондови - подобрен пристап кон изворите на средства, менаџирање, маркетинг и финансиски совети, односно подобра информираност којашто овозможува полесен пристап до изворите на финансирање и долгорочно финасирање. Иако за инвестициските фондови во Македонија сè уште не се знае доволно, сепак се зголемува интересот за нив кај домашните компании, но уште повеќе кај граѓаните. По бумот во 2007 година и економската криза од 2008 и 2009 година, кај луѓето почна полека да се враќа оптимизмот за вложување во инвестициски фондови. Сепак, пред да се инвестира се прават повеќе анализи и бараат стручни совети. Прв предизвик со кој се соочуваат инвестициските фондови е како да се придобие довербата на граѓаните, кои по правило се најбројните инвеститори преку фондовите. Вложувањето во инвестициските фондови е еден вид долгорочно штедење кое може да донесе значително поголеми приноси. Кога станува збор за сигурноста на парите инвестирани во инвестициските фондови, треба да се има предвид дека друштвата за управување со фондовите само ги управуваат фондовите. Тие не се сопственици на имотот на фондовите, бидејќи имотот им припаѓа на сите оние кои поседуваат удели во фондот. Парите од инвеститорите кои друштвата ги собираат и управуваат, всушност, се чуваат во депозитна банка. Тоа значи дека практично нема ризик парите да бидат злоупотребени или изгубени. Но тоа не значи дека инвеститорите се заштитени од загуби како резултат на лоши инвестиции. Додека инвестиционите фондови се едни од најголемите играчи на финасиските пазари во транзициските економии, непостоењето на инвестициската култура кај граѓаните на Р. Македонија и немањето доволно интересни хартии од вредност се причина за недоволно познавање на предностите. За инвестирање во инвестициски фондови како алтернативни можности за заработка, отворените фондови на сите инвеститори главно им нудат три клучни предности. Прво, преку диверзификацијата настојуваат да го намалат ризикот од инвестирањето на пазарите на капитал. Второ, обезбедуваат професионално управување со средствата и трето преку здружување на парични средства на малите инвеститори им нудат можност за индиректно изложување на пазарите на капитал. Како аргумент на ниската едуцираност на потенцијалните инвеститори е и постоечката понуда на инвестициските фондови. На македонскиот пазар сè уште нема паричен фонд, ниту пак фонд кој инвестира само во хартии од вредност со фиксен доход. Исто така, премногу е рано да се зборува за понуда на фондови кои би се специјализирале за одредени глобални сектори. Со ваквите реформи и пензиските фондови, како институционални инвеститори кои се јавуваат на пазарот на капитал има влијание врз зголемувањето на националните заштеди и тоа долгорочно, кое воедно претставува инструмент за развој на финансискиот пазар и зајакнување на моќта на инвестирањето што резултира со пораст на развојот на економијата.

Item Type: Thesis (Masters)
Subjects: Social Sciences > Economics and business
Divisions: Faculty of Economics
Depositing User: Katerina Hadzi-Vasileva
Date Deposited: 06 Nov 2012 13:45
Last Modified: 13 Nov 2012 14:21
URI: http://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/488

Actions (login required)

View Item View Item