Стратегиски менаџмент

Veselinova, Elena (2020) Стратегиски менаџмент. ISBN 978-608-244-757-5; DOI: 9786082447575.

Full text not available from this repository.

Abstract

ПРЕДГОВОР

Глобалната економска рецесија денес создаде деловен свет кој е доста поразличен и покомплексен, отколку пред само една година. Илјадници бизниси исчезнаа, а потрошувачите станаа екстремно чувствителни на цените и, честопати, го купуваат тоа што им треба, а не тоа што го сакаат. Финансиските пазари се компресираа, се појави висока невработеност, а окружувањето и условите се сменија за милиони претприемачи. Фирмите кои ќе ги преживеат овие години на глобално економско превирање, ќе бидат посилни и поподготвени од кога било досега. Да се добие и да се одржи конкурентска предност е потешко од кога било. Социјалното вмрежување и е-трговијата го променија маркетингот во неговите основи. Овој учебник открива како да се спроведе ефикасен стратегиски менаџмент во овој нов светски поредок.

Сведоци сме на илјадници ликвидации, банкротства, деинвестирања, сојузи и партнерства, заеднички вложувања, преземања и спојувања, за што нашироко се пишува. Корпоративните скандали ја истакнаа потребата за подобрена деловна етика и транспарентност на финансиските трансакции. Реструктурирањето и реинженерингот придонесоа за трајно променет корпоративен пејзаж. Илјадници фирми започнаа да работат на глобално ниво, а илјадници други ги затворија своите глобални активности. Илјадници просперираа, а сепак илјадници не успеаја во последните години, бидејќи економските услови поштедија малкумина. Долгогодишните конкурентски предности еродираат, кога се формираат нови. Ова прво издание на овој учебник ја доловува сложеноста на светското бизнис окружување, локално и глобално.

И предизвиците и можностите со кои се соочуваат организациите од сите големини денес се поголеми од кога било. Има помалку простор за грешки при формулирањето и спроведувањето на стратегијата. Ова прво издание обезбедува систематски ефикасен пристап за развој на јасен стратегиски план, дури и во најлоши времиња. Содржините опфатени во ова издание имаат за цел да го илустрираат ефектот на новите деловни концепти и техники на теоријата и практиката за стратегиски менаџмент.

Поради големината на неодамнешните промени кои влијаат на фирмите, културите и државите, секоја страница од овој учебник е нова и современа. Ова издание вклучува возбудливи нови карактеристики, промени и содржина дизајнирана да го позиционира овој учебник како јасен водич и добар избор за изучување стратегиски менаџмент. Еве резиме за тоа што е вклучено во ова издание:

Актуелна студија на случај на почетокот на секое поглавје која илустрира одредена компанијата што работи добро и во услови на глобална економска рецесија и ја открива нејзината стратегија.

Многу актуелни примери во секое поглавје.

Бројни табели во поглавјата за подобро претставување на клучните концепти на стратегискиот менаџмент.

Сеопфатен модел на стратегиски менаџмент кој ги опфаќа сите поглавја.

Широка нарација за теоријата на стратегискиот менаџмент и концептите во секое поглавје за да се илустрира новиот деловен светски поредок.

Актуелни прашања за проверка на крајот на секое поглавје.

Вежби за проверка и учење на крајот на поглавјата што ги применуваат концептите од секое поглавје. Вежбите ги подготвуваат студентите кои изучуваат стратегиски менаџмент со анализа на случаи.

Слики во боја кои додаваат живост на ова издание и илустрираат концепти / примери.

Безвременските, како и новите истражувања и теории на најголемите мислители за развој на стратегијата, како што се: Ансоф, Чендлер, Портер, Хамел, Прахалад, Минцберг и Барни се елаборирани во поглавјата, а истовремено практичните аспекти на стратегискиот менаџмент се сè уште во центарот на вниманието.

Студиите на случаи опфаќаат различни дејности; големина и структура на организации; временска рамка; сите случаи се „сеопфатни“ во смисла на тоа дека секој се фокусира на повеќе деловни функции, наместо да решава еден посебен проблем или прашање во врска со бизнисот; сите случаи се однесуваат на вистински организации во реални дејности, користејќи вистински имиња и вистински места; сите случаи се однесуваат на одредена организација која е подложна на стратегиски промени и на тој начин на студентите им се нудат ажурирани теми за разгледување и анализирање; сите случаи се напишани во жив, концизен стил на пишување што го привлекува интересот на читателот и утврдува временски распоред; сите случаи обезбедуваат одлични квантитативни информации, така што студентите можат да подготват поконкретен, рационален и издржан стратегиски план за организацијата; сите случаи даваат солидни информации за индустријата и за конкурентите.

Овој учебник е ориентиран кон стекнување вештини за развој на изјава за визија и мисија; анализа на екстерното окружување; анализа на интерното окружување; и формулирање, спроведување и оценување на стратегии.

Стилот на пишување на авторот е концизен, разговорлив, интересен, логичен, жив и ги поддржува и ги следи најдобрите тековни примери за вакви учебници низ целиот свет.

Едноставниот, интегративен модел на стратегиски менаџмент се појавува во сите поглавја и служи како водич и потсетник за целиот процес. Овој модел ја следи основната секвенца на формулирање, спроведување и оценување на стратегијата. Постои основен проток од визија/мисија/цели кон анализа на внатрешно / надворешно окружување до развој на стратегија, селекција, имплементација и евалуација. Ова е основниот белег на овој учебник.

Вежбите за учење на крајот на секое поглавје ефективно ги применуваат концептите и техниките на стратегиски менаџмент кои се предизвикувачки, значајни и интересни. Дополнително, вежбите се релевантни и современи.

Во подготовката на овој учебник е применета соодветна педагогија, вклучувајќи забележителни цитати и цели за секое поглавје, како и клучни изреки, прашања за проверка и дискусија и соодветни вежби на крајот на секое поглавје.

Постои одлична покриеност на прашањата за формулирање стратегија, како што се: деловна етика, глобално и меѓународно наспроти домашно работење, визија / мисија, анализа на матрици, партнерство, заедничко вложување, конкурентска анализа, менаџмент аспекти и упатства за спроведување на внатрешно / надворешно оценување на стратегијата. Систематски, аналитички пристап е претставен во Поглавје 6, вклучувајќи матрици како: SWOT, BCG, IE, GRAND, SPACE и QSPM.

Постои одлична покриеност на прашањата за спроведување на стратегијата, како што се: корпоративна култура, организациска структура, аутсорсинг, маркетинг концепти, финансиска анализа и деловна етика.

Посебна белешка за студентите

Добредојдовте на предметот Стратегиски менаџмент. Ова е предизвикувачки и возбудлив предмет кој ќе ви овозможи да размислувате и функционирате како сопственик или главен извршен директор на различни организации. Вашата главна задача по овој предмет ќе биде да донесувате стратегиски одлуки и да ги оправдате тие одлуки преку усна и писмена комуникација. Стратегиските одлуки ја одредуваат идната насока и конкурентската позиција на една фирма за подолго време. Одлуките за географско проширување или за диверзификација се примери на стратегиски одлуки.

Донесувањето стратегиски одлуки се јавува во сите видови и големини на организации, од гиганти до мала продавница. Животот и работните места на многу луѓе се погодени од стратегиските одлуки, затоа влогот е навистина голем. Честопати, во прашање е опстанокот на една организација. Целокупната важност на стратегиските одлуки го прави овој предмет посебно возбудлив и предизвикувачки. Бидете сигурни дека ќе бидете повикани да покажете како вашите стратегиски решенија би можеле успешно да се спроведат.

Во рамките на овој предмет, може да очекувате да донесувате стратегиски одлуки индивидуално и како член на тим. Без разлика колку напорно работат вработените, една организација е во неволја, ако стратегиските одлуки не се ефективни. Правењето на правите работи (ефективност) е поважно од правењето на работите правилно (ефикасност).

Изучувајќи го овој предмет ќе имате можност да донесувате вистински стратегиски одлуки, можеби за прв пат во вашата академска кариера. Не двоумете се да заземете став и да ги браните специфичните стратегии за кои сметате дека се најдобри, засновани на алатките и концептите во овој учебник. Образложението за вашите стратегиски решенија ќе биде поважно од самата одлука, затоа што никој не знае со сигурност која е најдобрата стратегија за одредена организација во даден момент. Овој факт ја потенцира субјективната, непредвидлива природа на процесот на стратегиски менаџмент.

Користете ги концептите и алатките презентирани во овој учебник, заедно со вашата сопствена интуиција, за да препорачате стратегии кои ќе ги браните како најсоодветни за организациите што ги анализирате. Исто така, ќе треба да го интегрирате знаењето стекнато со изучување на другите економски дисциплини. Поради оваа причина, стратегискиот менаџмент, честопати, се нарекува „последен предмет“. Можеби ќе сакате да ја чувате оваа книга во вашата лична библиотека.

Заштитен знак на овој учебник е неговата прагматичност. Оваа книга презентира техники и содржина што ќе ви овозможи да формулирате, спроведувате и оценувате стратегии за сите видови профитни и непрофитни организации. Вежбите за учење на крајот на поглавјето ви овозможуваат да го примените она што го прочитавте и научивте од секое поглавје.

Размислувајте над конвенционалното, бидете свои во идеите, работете упорно и успехот ќе ве следи. Со среќа!

Исто така, сакам да ги поздравам и да ги охрабрам вашите предлози, идеи, мисли, коментари и прашања во врска со кој било дел од овој учебник. Искрено го ценам и сметам дека е потребен вашиот придонес за постојно подобрување на овој учебник во идните изданија. Вашата подготвеност да го привлечете моето внимание кон специфични грешки или недостатоци во покриеноста или експозицијата, посебно ќе се цени.

На крај, сакам да се заблагодарам на моето семејство, секој збор е малку за да се доближи до нивната значајност за тоа што сум јас и кои се моите достигнувања. Исто така, сакам да се заблагодарам на рецензентите, проф. д-р Љубомир Дракулевски и проф. д-р Леонид Наков, кои се мој поттик и поддршка уште од студентските денови.

Конечно, сакам да ви се заблагодарам Вам, на читателот, што вложивте време и напор да го прочитате и проучите овој учебник. Основната цел и намера е тој да послужи како водич за формулирање, спроведување и оценување на стратегии за која било организација со која сте поврзани. Се надевам дека ќе го споделите мојот ентузијазам за богатата област на стратегискиот менаџмент и за систематскиот пристап за учење во овој учебник.

Авторот

Item Type: Teaching Resource
Subjects: Social Sciences > Economics and business
Divisions: Faculty of Economics
Depositing User: Elena Veselinova
Date Deposited: 27 Jan 2021 21:43
Last Modified: 27 Jan 2021 21:43
URI: https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/27278

Actions (login required)

View Item View Item