Стратегиски менаџмент во текстилната индустрија

Veselinova, Elena (2019) Стратегиски менаџмент во текстилната индустрија. ISBN 978-608-244-625-7.

Full text not available from this repository.

Abstract

Текстилните претпријатија во Р.Македонија се многубројни, некои повеќе, некои помалку успешни. Едно е заедничко за сите, тие ангажираат добар дел од работоспособното население низ земјава и остваруваат значаен девизен прилив од своите извозни активности. Сепак, постои генерално мислење дека текстилните претпријатија ретко практикуваат стратегиско планирање. Нивното функционирање е во основа реактивно на промените во окружувањето. Учеството на текстилната индустрија во креирањето на вкупната додадена вредност во националната економија е на ниско ниво. Затоа текстилните претпријатија во Р.Македонија треба да се посветат на развој на конкурентска стратегија за настап на домашниот и странските пазари со која ќе успеат да остварат поголема додадена вредност на финалниот производ, а со тоа и поголеми приходи и повисока профитабилност. Тоа сигурно не е лесно, но не и недостижно. Потребна е долгорочна и истрајна посветеност на оваа цел. Ова учебно помагало е посветено токму на градењето стратегија на текстилните претпријатија која се базира на утврдена конкурентска предност. Истражувањето опфаќа анализа и оценување на екстерното окружување на текстилната индустрија. Преку неа се идентификувааат критичните можности и ограничувања во општото и посебно окружување на текстилните претпријатија. Но, надворешното окружување не е единствената детерминанта на профитот на претпријатијата. За да се разбере суштината на нивното работење неопходно е „да се погледне“ длабоко во нивното внатрешно окружување. Тогаш стапува на сцена анализата на интерното окружување преку која се утврдуваат внатрешните стратегиски фактори на претпријатието, односно предностите и слабостите на секое претпријатие. Преку оваа анализа се согледуваат клучните детерминанти за создавање одржлива конкурентска предност. Секоја успешна стратегија се базира на ваква одржлива конкурентска предност што произлегува од единствените ресурси и способности на претпријатието. Наједноставните прашања поврзани со постоењето на кое било претпријатие бараат најсложени одговори: што (да) работи претпријатието, зошто токму тоа, каде (да) оди, зошто токму таму, кого да вработи, зошто токму тој/таа? Секое претпријатие, независно од дејноста, просторот и времето во кое функционира, се стреми да ја подобри или во крајна линија да ја задржи својата пазарна позиција. Во денешни услови да се работи успешно е повеќе од предизвик. Причините за сè поголемата неизвесност во окружувањето во кое делуваат организациите се разновидни. Елиминирањето на економските бариери меѓу земјите и зголемената конкуренција ги засега сите деловни субјекти низ светот. Организациите секојдневно се соочуваат со предизвикот од економските, политичките и технолошките промени. Потрошувачите како еден од најважните стеикхолдери во окружувањето имаат свои потреби, навики и вкусеви кои стануваат сè поразновидни и попрефинети, а претпријатијата треба соодветно да одговорат на таквите суптилни барања, доколу сакаат да ги задржат постојните и да привлечат нови. Во ова учебно помагало е вклучена анализа на моменталната конкурентност и се нудат начини за создавање одржлива конкурентска предност на претпријатијата од текстилната индустрија. Текстилните претпријатија во Р.Македонија треба да се посветат на развој на конкурентска стратегија за настап на домашниот и странските пазари со која ќе успеат да остварат повисока додадена вредност на финалниот производ, а со тоа и поголеми приходи и повисока профитабилност. За таа цел, неопходно е за се изгради стратегија на претпријатијата во текстилната индустрија, кои се основни носители на севкупните активности во оваа индустрија, земајќи предвид дека токму таа е една од најзначајните индустрии во Р. Македонија. Како трудоинтензивна индустрија, текстилната индустрија обезбедува значаен број работни
места, сепак, тоа што во моментот е загрижувачки е ниското учество на текстилната индустрија во вкупно креираната додадена вредност во националната економија. Затоа, потребен е еден проактивен пристап на стратегиско планирање и дејствување на текстилните претпријатија, со цел да ја зголемат својата конкурентност и да се подготват за успешен настап на странските пазари. Материјата што се обработува е структурирана во глави, точки и потточки, со еден логичен редослед на презентирање на содржината на теоретските и практичните истражувања. Првата глава, Анализа и оценување на екстерното окружување на текстилната индустрија, започнува со кратка анализа на текстилната индустрија на макро ниво, преку анализирање на учеството на текстилната индустрја во БДП, вкупниот извоз и увоз на Р.Македонија и креирањето на вработеноста, на таков начин што се согледува нејзиното значење и важност за македонската економија. Следува систематска анализа на моменталната конкурентска позиција на текстилните претпријатија во Р.Македонија, преку модел за анализа на екстерните можности и ограничувања и интерните предности и слабости, за откривање конкурентска предност и избор на соодветна стратегија за настап на домашниот и странските пазари. Во продолжение се презентирани согледаните факти за екстерните можности и ограничувања на општото и посебно окружување на текстилните претпријатија, преку структурната анализа на текстилната индустрија и анализата на конкурентите. Втората глава, Анализа и оценување на интерното окружување на текстилните претпријатија, се состои од стратегиска анализа на ресурсите и способностите на претпријатијата, кои претставуваат основа за утврдување на предностите и слабостите на претпријатијата и откривање на потенцијалната конкурентска предност врз чија основа ќе се гради стратегијата на текстилните претпријатија. Следува анализа на ланецот на вредности и одделните активности на текстилните претпријатија, за да се утврдат оние активности кои додаваат вредност во процесот на создавање на производот за крајниот потрошувач, а да се елиминираат оние активности кои се трошочни носители, но не придонесуваат во додавање дополнителна вредност на финалниот производ. Преку детална анализа на ланецот на вредности и организациската структура на претпријатијата, во комбинација со анализа на трошочните фактори и факторите на оригиналност (како основа за диференцирање), се согледуваат изворите на конкурентска предност на текстилните претпријатија. Во третата глава, Конкурентската предност и стратегијата на текстилните претпријатија, со информациската основа добиена во текот на истражувањето, преку конструираниот модел за создавање и одржување конкурентска предност, презентирана е потенцијалната стратегија на ниво на претпријатие, како алтернативен начин за идно профитабилно работење на текстилните претпријатија. Станува збор за избор и имплементација на стратегија на диференцирање, како најсоодветна стратегија за позицијата во која се наоѓаат и посакуваат, односно можат да бидат текстилните претпријатија во Р.Македонија. Во оваа глава се анализирани стратегиските партнерства и аутсорсингот како стратегиски алтернативи, со акцент на тековната доминантност на лон-системот и идните правци за развој на стратегиските партнерства. Материјалот опфатен во скриптата финализира со разработка на стратегијата на извоз, несомнено потврдена како најсоодветна стратегија за настап на странските пазари, земајќи ја предвид ограниченоста на македонскиот пазар (големината и куповната моќ на потрошувачите). На крајот во учебното помагало се презентирани одредени заклучни согледувања за конкурентноста на текстилните претпријатија во Р.Македонија и нивната сегашна и потенцијална позиција во потрагата по нови пазари, приходи и нормално, профит.

Item Type: Teaching Resource
Subjects: Social Sciences > Economics and business
Divisions: Faculty of Economics
Depositing User: Elena Veselinova
Date Deposited: 15 Jul 2019 09:07
Last Modified: 15 Jul 2019 09:07
URI: https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/22249

Actions (login required)

View Item View Item