Финансиско сметководство

Gorgieva-Trajkovska, Olivera and Koleva, Blagica (2019) Финансиско сметководство. Универзитет Гоце Делчев Штип. ISBN 978-608-244-603-5

Full text not available from this repository.

Abstract

Учебникот „Финансиско сметководство“ од авторите проф. д-р Оливера Ѓоргиева-Трајковска и доц. д-р Благица Колева претставува заокружена целина на материјалот поврзан со сметководствената евиденција на сите економски трансакции во профитно ориентираните деловни енитети (трговски друштва). Учебникот е наменет првенствено за изучување на предметот Финансиско сметководство од страна на студентите на Економскиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип,за сите насоки на прв циклус на студии, како и за предметот Финансиско известување, за студентите на втор циклус на студии.
Учебникот е креиран врз основа на потребата од создавање на учебно помагало кое од теоретски и практичен аспект ќе им овозможи на студентите стекнување на знаење за целите, задачите и корисниците на финансиското сметководство, изготвувањето на основните финансиски извештаи, како и на начинот на евиденција на сите економски настани и трансакции кои се поврзани со средствата, изворите на средствата, приходите и расходите на деловните ентитети.
Финансиското сметководство е процес на изготвување на основните финансиски извештаи кои деловните ентитети ги користат за да ја презентираат нивната финансиска состојба и успешност, а кои се наменети за сите корисници внатре и надвор од ентитетот, вклучувајќи ги: менаџерите и вработените, инвеститорите, доверителите, добавувачите, потрошувачите.Финансиското сметководство ова го постигнува преку процес на континуирано класифицирање, анализирање, сумирање и евидентирање на деловните трансакции на ентитетот.
Сметаме дека учебникот се одликува со голема теоретска и практична значајност, како за студентите, така и за сите останати субјекти кои имаат интерес во оваа проблематика, т.е. кои се инволвирани во процесот на подготовка и презентација на финансиските извештаи на трговските друштва во Република Македонија.
Содржински, трудот е конципиран во 7 поглавја, за кои следи кратка презентација на целите и содржината.
Првата глава е посветена на основите на сметководството и сметководствената евиденција. Во неа се дефинира поимот сметководство и неговите составни делови; сметководствените информации, нивните квалитативни карактеристики и корисници, како и целите и задачите на сметководството. Во продолжение се обработени видовите на сметководствени документи, кои се основа за евиденција; чекорите на процесот на сметководствена евиденција и влијанието на економските промени врз финансиската состојба на деловниот ентитет.
Втората глава од учебникот ги обработува начинот на подготовка и презентација на основните финансиски извештаи: Билансот на состојба, Билансот на успех, Извештајот за парични текови, Извештајот за промена на капиталот и Белешките кон финансиските извештаи, кои задолжително ги изготвува и презентира секој деловен ентитет, за сите корисници (стејкхолдери), кои врз основа на информациите од нив донесуваат рационални економски одлуки.
Следните глави од трудот се посветени на конкретната сметководствена евиденција на одделните средства, извори на средства, расходи и приходи на претпријатијата, како составни елементи на финансиските извештаи.
Така, Третата глава ја обработува евиденцијата на постојаните средства, како долгорочен имот на деловните ентитети, нивниот поим и поделба, деловните книги во кои се евидентираат сите нивни промени, како и книговодствената евиденција, преку конкретни, практични примери.
Четвртата глава се однесува на сметководствената евиденција на тековните средства. Овде посебно се обработени паричните средства и хартиите од вредност, побарувањата од купувачите, временските разграничувања и залихите.
Петтата глава е посветена на евиденција на капиталот и обврските, како извори на средства на деловниот ентитет. Посебно се обработени (теоретски и од практичен аспект): капиталот и резервите, акционерската премија и акумулираната добивка (загуба). Во делот на обврските е разработен поимот и класификацијата на обврските (на тековни и нетековни), како и сметководствениот третман на нивните различни видови.
Шестата глава е резервирана за евиденција на приходите и расходите, како елементи на Билансот на успех на деловните ентитети. Посебно внимание е посветено на трошоците, нивната класификација и системи на пресметка.
Во последната, Седма глава, се обработува финансискиот резултат (добивка или загуба), неговата пресметка и распределба.
На крајот од учебникот се дадени и вежби (со решенија), кои се наменети за студентите, кои истите можат да ги искористат за полесно совладување на материјалоти за подготовка за испит.
Преку презентираниот начин на обработка на сметководствената евиденција на сите елементи на финансиските извештаи на деловните ентитети, што е и основна задача на финансиското сметководство, сметаме дека е постигната главната цел – да им помогнеме на студентите да ги разберат целите и задачите на финансиското сметководство, начинот на сметководствена евиденција на сите средства, извори на средства, приходи и расходи, и она што е посебно важно, преку практичните примери за книжење содржани во материјалот да можат практично да ја осознаат постапката на сметководствена евиденција на економските трансакции, со цел составување на квалитетни финансиски извештаи од страна на деловните ентитети.

Item Type: Book
Subjects: Social Sciences > Economics and business
Divisions: Faculty of Economics
Depositing User: Olivera Trajkovska
Date Deposited: 17 May 2019 09:27
Last Modified: 17 May 2019 09:27
URI: https://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/22037

Actions (login required)

View Item View Item