Вдахновено и силно

Марко Коловски

(Кон концертот на триото БОГОРОМОВА-КРАПОВСКИ-ШКАРИЌ, 21.03.2016)

 

„Пријатна вечер за многубројната публика“ би бил, сепак, прескромен опис на уметничките доживувања и естетските наслади што ги доживеаја присутните во преполното Фоаје на Македонската опера и балет. Тие, всушност имаа можност да доживеат нешто многу повеќе од тоа. Најнапред, - искреното, посветеното, доживеаното музицирање на тројцата, сега веќе – зрели уметници: сопранистката Гонца Богоромова Краповска, виолинчелистот Паскал Краповски и пијанистката Милица Шкариќ. Да се соочат со музикалноста на Богоромова, суптилноста во притаеното содружништво на Краповски и повеќе од култивираната пијано придружба на Шкариќ. И, по сето тоа да заминат со исполнети дамари, со задоволство, со восхит, со радост. Радост од музицирањето, а преку него - од неискажливите естетски возлети што ги овозможува музиката.

Потоа, публиката имаше можност да слушне како функционира еден, барем за наши прилики – необичен камерен состав: вокал, виолончело, пијано. И да замине со уверувањето дека експресивните потенцијали на сите нив како да се надополнуваат, како да се испреплетуваат и како да овозможуваат музички преливи и бои што не може да се добијат на друг начин. И, секако, да биде благодарна што сплетот на убави околности овозможи тоа да функционира и кај нас. И, конечно, публиката имаше можност да чуе дека и за ваков, необичен состав има дела. Главно оригинални и како доказ дека изразните можности на оваа комбинација била предизвик за големите композитори Шуберт, Берлиоз, Франк ...

Значи, концертот започна со одличната интерпретација на Богоромова на аријата „L’amero“од помалку познатата Моцартова опера „Il Re pastore“. Таа тука всушност го најави своето суверено владеење со вокалните делници и на ова, и на другите изведувани композиции. Интонативно прецизно, со исклучителна вокална техника која, пак, и овозможуваше да ги оживее сите емотивни флексии на Моцартовата арија, Богоромова покажа дека во моментов е концертен вокален уметник кој што, со соодветен одбир на репертоарот, треба далеку да ги надмине границите на Македонија. Пленеше прецизноста и суптилноста во вајањето на деталите, во извлекувањето на градациите, во буквалното вдахнување живот во нотите. И мајсторското и префинето градење на секој крај, на секоја фраза, на секој мотив. И, тоа, натаму се повторуваше во сите дела: Шубертовата „Auf dem strom“, пишувана за вокал, пијано и соло инструмент, но која во оваа комбинација звучеше исклучително уверливо и привлечно; „Vier lieder“ од помалку познатиот германски роматичар Јозеф Гласер која беше дополнителна шанса да се покаже како се владее со предизвиците на германскиот lid; па преминот во француската лирика преку стиховите на Виктор Иго преточени во Берлиозовата „La Captive“, и оние на Александар Дима во Франковата „Le Sylphe“, за да се стигне до премиерната изведба на композицијата „She Walks in Beauty“ напишана и посветена токму на ова трио од страна на австрискиот композитор Герхард Дајс и до несомненото сознание дека Богоромова може да биде исто толку успешна и при изведбата на дела од современа музика. Се разбира, доколку во нив има музика, експресија, емоција соодветна на нејзината раскошна музикалност и прекрасен глас.

Како што кажавме на почетокот, во текот на целото ова шеесетминутно патешествие што заврши со едно – авторски специфично и изведувачки (пред сè од Богоромова) потресно видување на темата „Со маки сум се родила“, виолончелото на Паскал Краповски беше во хармонично содружништво со вокалот во градењето на една префинета текстура со боја што може да ја даде само овој инструмент. И да ја додаде неопходната сонорност во вкупниот колорит. Краповски, се разбира, не се задоволи само со ова, бидејќи и во миговите кога беше „идеален сопатник“ и во моментите кога влегуваше во функционален дијалог со вокалот, тој тоа го правеше со чувство за градење на вкупната слика. Значи, со мера и со вкус. И, се разбира, со потребното, понекогаш истакнато, понекогаш притаено исполнителско мајсторство.

Милица Шкариќ беше вистински придружник во ова возбудливо патување низ емотивниот свет на делата од великаните на музичката историја. Таа знае што е преден, а што заден план. И знае дека за пијано придружбата важи правилото дека е во преден план токму тогаш кога е во заден. За оние што знаат што е што. И кога сето тоа ќе се искомбинира со нејзината веќе позната култивираност во изведбата, со нејзината педантност, со нејзиното чувство за фраза кое во исто време ги следи суптилните фразирања на вокалот и им дава дополнителна енергија и сигурност, тогаш заклучокот може да е само еден и единствен: таа беше рамноправен учесник во градењето на музичкиот свет што ја подигна многубројната публика на нозе за да им оддаде признание на тројцата изведувачи за прекрасната музичка вечер.

 

 

 

Showcases

Background Image

Header Color

:

Content Color

: