Меѓународно - правна рамка на граѓанско-правната одговорност за нуклеарна штета

Ampovska, Marija (2015) Меѓународно - правна рамка на граѓанско-правната одговорност за нуклеарна штета. Other. Tringa design, Tetovo.

[img]
Preview
Text
МОНОГРАФИЈА ЗА РЕПОЗИТОРИУМ.pdf

Download (1209Kb) | Preview

Abstract

Почнувајќи од средината на деветнаесетиот век, како резултат на техничко -технолошкиот развој и индустрискиот подем во општеството истото се соочува со штети кои се случуваат во материјалната и личната сфера на граѓаните, но кои не можат да се препишат на вина на трети лица и поради тој факт не можат да бидат надоместени. Можеби најголемата опасност од причинување на штета во оваа смисла ја препознаваме во создавањето и користењето на нуклеарна енергија. Науката за атомската радијација, промените на атомот и нуклеарната фисијата започнува да се развива од 1895 година, а од 1939 до 1945 година фокусот на истражувањата е ставен на атомските бомби. Започнувајќи од 1945 година вниманието е свртено кон искористување на оваа енергија на контролиран начин за поморски погон и создавање на електрична енергија, а од 1956 година фокусот е ставен на технолошкиот развој на нуклеарни централи. Иако развојот на нуклеарната енергија започнува со научните откритија во Европа, тој својот процвет го доживува во Америка и Велика Британија со пуштањето во употреба на нуклеарни централи за чисто комерцијални цели, а според предвидувањето на научниците за неколку децении нов пораст ќе доживее во Источна Азија. Денеска не постои сомневање во меѓународната заедница дека нуклеарната енергија претставува развиена и безбедна технологија на која светот може да се ослони поради нејзината способност да го снабдува светот со електрична енергија и / или топлина во голем обем, по прифатлива цена и без загадување или стакленички гасови. Поради овие позитивни особини на нуклеарната енергија, како и способноста да придонесе за поголема енергетска независност на државите, владите ширум светот во сé поголем број се свртуваат кон нуклеарната енергија како централен елемент на нивните национални енергетски стратeгии. Се чини дека непобитен факт е дека над сите постоечки и идни нуклеарни централи секогаш ќе стои црната сенка на нуклеарните несреќи кои го следат развојот на нуклеарната енергија од нејзините почетоци до денес. Почнувајќи од 1952 година па до денес регистрирани се повеќе од 30 несреќи и инциденти на нуклеарни централи. Сите овие несреќи се одликуваат со смрт на голем број на лица за што директна или индиректна последица е несреќата, а несреќите од останатите степени, според скалата на IAEA, се одликуваат со штетни последици различни од смрт. Ваквата општествена реалност имала свое влијание врз развојниот пат на правната регулатива на граѓанско - правната одговорност за нуклеарна штета на национално и на меѓународно ниво. Ако се земе во предвид дека тој развоен пат на национално ниво во голема мера уште на самиот почеток ги следи тенденциите и ги прифаќа усвоените принципи на меѓународно ниво, токму меѓународниот правен режим на нуклеарната одговорност е проследен во оваа монографија, почнувајќи од првите правни правила кои го уредуваат прашањето за граѓанско - правната одговорност за нуклеарна штета. Меѓународниот режим за прв пат се воспоставува во 1960 година под покровителство на OECD. Овој режим се воспоставува со Париската Конвенција за одговорност спрема трети лица на полето на нуклеарната енергија (во понатамошниот текст Париска Конвенција), а бил прифатен од страна на западноевропските земји - членки на OECD. Потребата за интернационален режим на одговорност во случај на нуклеарна штета ја увиделе и повеќе земји членки на IAEA од Централна и Јужна Америка, Африка, Азија и Источна Европа кои станале земји - потписнички на една друга конвенција која во себе ги инкорпорирала базичните принципи содржани во Париската Конвенција, со интенција за поширок географски опфат. Се работи за Виенската Конвенција за граѓанско - правна одговорност за причинета штета (во понатамошниот текст Виенска Конвенција) кој била усвоена во 1963 година. Париската и Виенската Конвенција содржат многу слични одредби за кои, и со исклучок на одредени разлики во поглед на вредносните ограничувања на одговорноста на нуклеарниот оператор, задолжителниот степен на финансиско обезбедување, обврските на државата во случај кога осигурувањето не е доволно и видовите нуклеарна штета за кои е предвиден надомест, може да се каже дека се идентични. Интернационалниот режим на нуклеарна одговорност востановен со Париската и Виенската Конвенција го задржал својот оригинален лик сè до крајот на 1980 – тите, но не бил доволен да одговори на проблемите со одговорноста и надоместот кои станале очигледни по несреќата во Чернобил. Со други зборови, меѓународната заедница сфатила дека реформата мора да биде потемелна и да овозможи во случај на голема катастрофа да се постигне што поголема финансиска компензација за жртвите. Ново поглавје во интернационалното право за нуклеарна одговорност е отворено со донесување на Конвенција за дополнителен надомест за нуклеарна штета, усвоена во септември 1997 година бидејќи оваа Конвенција ѝ дала можност на светската заедница да се справи со правната одговорност и надоместот на нуклеарна штета преку еден глобален режим кој ги вклучувал сите земји кои имаат нуклеарни централи и поголем дел од земјите кои немаат нуклеарни централи. Конвенцијата за дополнителен надомествоглавно ги задржува основните принципи востановени со Париската и Виенската Конвенција, но во исто време создава инструмент кој обезбедува повеќе парични средства кои се достапни за поголем број жртви и повеќе видови на нуклеарна штета во однос на овие Конвенции.

Item Type: Monograph (Other)
Subjects: Social Sciences > Law
Divisions: Faculty of Law
Depositing User: Marija Radevska
Date Deposited: 31 Mar 2015 13:25
Last Modified: 31 Mar 2015 13:25
URI: http://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/12985

Actions (login required)

View Item View Item