Инвестиции практикум - збирка задачи

Dimitrova, Janka and Veselinova, Elena (2014) Инвестиции практикум - збирка задачи. ISBN 978-608-244-124-5.

Full text not available from this repository.
Official URL: http://e-lib.ugd.edu.mk/ugd/index.php?id=387

Abstract

Инвестициите, т.е. инвестирањето претставува одрекување од потрошувачката во сегашноста за да се добијат одредени добивки во иднина. Жртвите кои се поднесуваат во сегашноста и добивките, односно приходите што се очекуваат во иднина претставуваат една од основните карактеристики на инвестициите и процесот на инвестирање. Оваа карактеристика го означува инвестирањето како временска врска помеѓу сегашноста и иднината. Со директно или индиректно реинвестирање на заштедениот капитал се овозможува заработка (профит) којшто, имајки го предвид брзиот проток на информации, овозможи трансфер на капиталот од национални на глобални рамки. Современата технологија нуди можности за зголемена флексибилност на капиталот како од територијален аспект, така и од аспект на видот на индустријата. Големите транснационални компании (ТНК), трагајќи по евтини суровини, енергија, труд и претприемништво, го селат капиталот, со цел максимизирање на профитот. Инвестициите, според својата економска суштина, претставуваат зголемување на постојаните капитални фондови. Капиталните фондови на една економија, постојат во три основни облици: градежни објекти (фабрички хали, административни згради и сл.), опрема (машини, инсталирани технолошки линии) и залихи (суровини, производи и готови производи). Капиталните фондови, во определен момент, се дадена големина. Кога настапува чинот на инвестирање, тие се зголемуваат. Инвестициите се многу значајна економска категорија. Инвестициите, зголемувајќи ги постојаните капитални фондови defacto ги зголемуваат производствените можности на вкупната економија. Дел од капиталните фондови, низ употреба, со тек на време, се трошат. Тие функционирајќи во производството, постепено се трошат и се пренесуваат дел по дел од својата вредност на вредноста на новиот производ. Ваквото трошење на капиталните фондови се нарекува амортизација или депресијација. Тоа значи, додека инвестициите ги зголемуваат постојаните капитални фондови, нивната употреба придонесува за нивно трошење, и нивно намалување. Оттука заклучокот е дека, една економија, доколку сака да го задражи постојниот обем, постојното ниво на капитални фондови мора, во најмала рака, да инвестира во обем којшто ќе овозможи замена на истрошените капитални фондови. Доколку во економијата се инвестира под износите на амортизираните, депресираните капитални фондови, настанува процес на дезинвестирање. Тоа е исклучително негативна појава којашто ги намалува капиталните фондови под постојното ниво. Обратно, доколку обемот и вредноста на инвестициите во економијата се поголеми од износот на амортизацијата, економијата ќе осигури не само надоместување (замена) на истрошените капитални фондови, туку и нивно зголемување, нивен прираст. Одлуката за тоа каде да се вложат вишокот пари што ги заштедиле физичките или правните лица секогаш е тешка и проследена со сериозни размислувања. Затоа се прават бројни пресметки, анализи и инвестициски студии, сè со цел да се направи вистинскиот избор, да се донесе вистинската одлука, парите да се инвестираат во проект кој ќе биде најпрофитабилен и ќе овозможи најбрз поврат на капиталот. Учебното помагало ИНВЕСТИЦИИ – ПРАКТИКУМ (збирка задачи) е наменето за студентите на економските и други факултети на кои се изучува оваа предметна дисциплина, со цел да им ги доближиме на студентите пресметките на капиталот и инвестициските критериуми за оценка на инвестициските проекти. Овој практикум ќе биде од корист и за менаџерите и инвестициските аналитичари на деловните субјекти, како и за сите потенцијалните инвеститори, при пресметките и подготовката на инвестициските студии. Искрено се надеваме дека овој ракопис ќе ги продлабочи теоретските и практичните знаења на читателите од областа на инвестициите.

Item Type: Teaching Resource
Subjects: Social Sciences > Economics and business
Divisions: Faculty of Economics
Depositing User: Elena Veselinova
Date Deposited: 22 Jan 2015 14:08
Last Modified: 07 Apr 2015 13:48
URI: http://eprints.ugd.edu.mk/id/eprint/12023

Actions (login required)

View Item View Item